Посакуваме и работиме да не се префрли африканската свинска чума во земјава и трошиме пари за да не дојде до тоа, бидејќи на овој начин ќе се потрошат многу помалку пари отколку ако се случи таква ситуација, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
– Доколку ни се случи мора да се дејствува брзо без разлика на цената и средствата што ќе се одвојат од буџетот. Со брза реакција ќе бидат заштедени пари, а ако се остави заразата да биде со широки размери ќе има катастрофални последици по буџетот – порача Димковски.
Прашан дали има фонд за обесштетување на земјоделците доколку дојде до уништување на фармите поради појава на африканска чума, Димковски рече дека никој не планира и не става пари во фондот за таква работа.
– Работиме да не дојде до тоа, но доколку се случи таква ситуација сигурно ќе се обесштетат земјоделците. Сепак, целта не ни е да се обесштетат земјоделците и да се уништи сточниот фонд, односно свињите, туку превентивно да направиме сѐ за да се заштитиме да не дојде до зараза – рече Димковски.
Во Бугарија е откриен нов случај на африканска свинска чума во селото Осен во областа Силистра, каде што се врши евтанизација на свињи.
Поради ова, локалните жители јавно протестираат блокирајќи ги патиштата поради усмртувањето на домашните свињи.
Од Европската комисија, пак, посочија дека ситуацијата е многу загрижувачка и мора да се применат итните мерки. Од Регионалната дирекција за безбедност на храна во Силистра, најавуваат дека сите активности поврзани со африканската свинска чума мора да завршат до петок. Во оваа област се евтанизирани и погребани над 22 илјади свињи, следува дезинфекција на областа.