Првиот од двата планирани тунели на автопатот Кичево – Охрид, под превојот Пресека, со должина од 1.996 метри, е пробиен. Оваа тунелска цевка почна да се гради пред 54 месеци, а за Изградбата на тунелите е задолжена кинеската компанија „Синохидро“, која е и главен изведувач на целиот автопат.

Пробивањето на првиот тунел беше комплетирано во текот на вчерашниот ден, а во средината на тунелот беа поставени македонското и кинеското знаме, бидејќи станува збор за првиот тунел на „Синохидро“ на европскиот континент.

– Работите на овој тунел започнаа во мај 2014 година. Ова е најдолгиот друмски тунел во земјава, со вкупна должина од 1.996 метри. Ако дозволи времето, очекуваме втората тунелска цевка да биде пробиена во наредните неколку месеци. Вкупната должина на двете тунелски цевки изнесува 4.011 метри, при што левата тунелска цевка, во правец кон Охрид, е подолга за 15 метри – истакна Дарко Пешевски, инженер во ЈП „Државни патишта на РМ“.

Проблемите на кои наидоа изведувачите на овие тунели го одложија нивното завршување и ја зголемија цената на чинење.

– Во утробата на планината наидовме на разнороден материјал, нималку благороден за работа, од дури шест класи и за секоја класа требаше да се направи посебна подготовка и да се вградат поинакви материјали. Исто така, подземните води во утробата на планината ни создадоа дополнителни тешкотии, како и самиот состав на земјиштето – додаде Пешевски.