Mрежата на невладини организации „Преспа нет“, во која членуваат организации од Македонија, Албанија и од Грција, ги потсетува властите во трите земји дека со меѓудржавната соработка потврдена со Декларацијата на премиерите за воспоставување на прекуграничниот парк Преспа во 2000 година, трите држави се договорија да ги координираат своите активности за интегрирано управување со речните сливови врз основа на ЕУ-легислативите.
– Интегрираното управување со речните сливови е сеопфатен тип управување што ги разгледува сите различни и меѓусебно поврзани употреби на вода и претпоставува дека сите соодветни сектори, како земјоделство, рибарство, просторно планирање, индустрија, туризам и слично, ги координираат своите активности во рамките на географските/хидролошките граници на природните басени. Во прекуграничните речни сливови земјите мора да соработуваат за да се постигне оваа цел. Учеството на сите корисници на вода во процесот на планирање и донесување одлуки е трет столб за интегрирано управување со водите – велат од „Преспа нет“.
Тие ги потсетуваат властите во трите држави дека треба да преземат акција и да управуваат со водните ресурси во рамките на нивните природни граници, да поттикнат соработка и прекуграничен дијалог за важни прашања, да го зајакнат партиципативното управување со водата. Како и да спроведат конкретни мерки и активности на национално и прекугранично ниво, како што се прекугранични истражувања и мерки за спречување на деградација на водата, мудро и ефикасно функционирање на водоснабдувањето, наводнувањето, третманот на отпадните води и системите за управување со цврст отпад, како и превенција на хидролошки промени на реките и крајбрежјето, еколошки земјоделски практики, мерки за адаптација на климатските промени, секако и кампањи за подигнување на свеста за преспанските слатководни ресурси.
„Преспа нет“ е мрежа од три еколошки невладини организации од државите што го делат прекуграничниот басен Преспа. Во 2013 година, Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита на природната околина во Албанија и Друштвото за заштита на Преспа, решија да ги соединат своите сили за да може да влијаат врз донесувањето на законите за животна средина и да промовираат заштита и одржлив развој во регионот на Преспа. За таа цел „Преспа нет“ соработуваше со меѓународните НВО, како што се Еуронатур, Кора, Плантлајв и ФЗС. С.Ј.