Британскиот, косовскиот и албанскиот се потенцијалните пазари за македонските праски, бидејќи од утре и официјално нема да се извезуваат во Русија, рече денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Според него, Македонија се уште не е официјално информирана за времената забрана од руска страна зашто комуникацијата меѓу двете земји, поради новата владина структура во Русија, е отежната. Денеска била иницирана средба со руските дипломатски претставници во Македонија. Внимателно се прават обиди да им се помогне и на производителите и на откупувачите.
– Во моментов, проблем е новата владина структура во Русија. Нема копретседател на македонско-руската меѓувладина комисија од другата страна поради што комуникацијата е отежната. Јас сум копретседател од македонска страна. Ние ги направивме сите обиди во изминатиот период, и со мојата посета на Москва и со мојата средба со тогашниот копретседател, за да градиме партнерски односи – истакна Николовски.
Во меѓувреме, се прават максимални напори за пласман на праските во други земји, а паралелно течат и инспекциските контроли на откупните пунктови за да се утврди колкаво количество нема да отиде во Русија.
– Македонија се уште не е официјално информирана, по ниту еден основ, ниту од Министерството за надворешни работи, ниту по дипломатски, ниту по кои било други извори. Информацијата следеше по објавата на официјалните страни од страна на Русија, но по официјален пат не сме информирани. Сепак, презедовме се што е неопходно. Испратени се писма и од Државниот инспекторат за земјоделство и од Фитосанитарната управа. Паралелно се засилени мониторинг контролите на откупните пунктови зашто станува збор за производи што веќе се наоѓаат во откупните центри. Да оставиме Инспекторатот да ги утврди количините на производството тангирано со времената одлука на Русија за време на ограничувањето што стапува во сила од утре – потенцира министерот.
Изминативе денови се правеа контакти со сите откупувачи и производители за да се реши проблемот. Николовски и лично се заложил компанија од Лондон да ја разгледа можноста за увоз. Нејзини претставници утре ќе бидат на терен во Росоман.
– Претежно се прават контакти со фирми што доаѓаат да инвестираат во Македонија, а сега се тука од Англија. Правиме напори производството да го пласираме во Косово и Албанија. Се трудиме внимателно да обезбедиме пласман за овие количини, рече Николовски, додавајќи дека се работи за крај на сезона.