Во земјава не е детектирано присуство на африканска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација на свињите, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако завчера во Грција беше потврден првиот случај на болеста.
– Поради постоење опасност од појава на болеста и во нашата земја, за нејзино спречување, одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните треба да ги почитуваат заштитните мерки – апелира АХВ.
По првичниот сомнеж, ветеринарните власти на Грција го потврдија првиот случај на заболена свиња од африканска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес. За појавата на болеста, од страна на ветеринарните власти се известени Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните.
Освен во Грција, болеста е присутна и во Србија и во Бугарија, каде што, според податоците што ги добива АХВ, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста ја има и во Полска, Литванија, Романија и во други земји. Според АХВ, во соработка со Царинската управа на Македонија, се спроведуваат засилени контроли на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, ги потсетуваме граѓаните на забраната во личниот багаж да не се носи храна од животинско потекло, особено месо и преработки од свинско месо, преку кои може да се пренесе болеста. Во спротивно ќе им биде одземена на граничните премини – наведува АХВ.
Иако не станува збор за болест опасна за човекот, африканската чума е сериозна закана по добиточниот фонд. АХВ упати апел задолжително да се пријави пцовисана свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на умрените животни вирусот опстојува долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста.