Во минатите месеци видов некои светли примери на компании, кои својот начин на функционирање брзо го приспособија и имаат огромен успех, бидејќи сметам дека пазарот е жеден за иновативни начини на користење разни сервиси. Како вечен оптимист и ентузијаст за новитети, се надевам дека пандемијава најпрвин брзо ќе помине, а од неа ќе излеземе со убави зачетоци за многу помодерно и пофункционално општество, вели Чубриновски
Ненад Чубриновски, Управен одбор на МАСИТ, Стопанска комора на ИКТ-индустријата
Предизвиците наметнати од ширењето на ковид-19, можноста за побрзо преструктурирање и приспособување на новите услови на работа, како и можноста да понудат нови софтверски решенија, кои ќе им овозможат и на други компании да го приспособат своето работење од дома, потребата од промени и воведување програми за онлајн учење се темите на кои разговаравме со Ненад Чубриновски, член на Управниот одбор на МАСИТ – Стопанска комора на ИКТ-индустријата и главен оперативен директор на компанијата „Инплеер“.
Корона-кризата трае подолго отколку што првично се очекуваше, дополнително што сѐ уште сме во неизвесност за надминување на пандемијата. Промените што ги наметна ширењето на вирусот ги засегнаа сите економски сектори, како се справуваат компаниите од ИКТ-индустријата со новините и со предизвиците во овој период?
– Имајќи предвид дека состојбата во која се наоѓаме веќе извесно време е комплетно нова за сите нас и нѐ принуди да излеземе од зоната на комфор, сакам да истакнам дека како и на самиот почеток така и сега одиме чекор по чекор.
Сметам дека најважно е тоа што тимскиот дух и мотивираноста кај сите нас останаа на високо ниво. Тоа што ИКТ-индустријата претходно веќе нудеше опција за работа од дома и целосно онлајн функционирање сметам дека придонесе побрзо да се приспособиме на оваа нова ситуација. Дополнително сите тие искуства што во ИКТ-индустријата се најблиску до европските и светски процеси на функционирање, се на располагање на преостанатите индустрии и преку МАСИТ можат директно да дојдат до совети за тоа како може да се приспособат или целосно да се дигитализираат за да имаат полесен работен процес.
Какви промени во работењето на компаниите наметна пандемијата? Дали ИКТ-компаниите полесно ги надминуваат проблемите, со оглед на природата на работата на секторот, или се чувствуваат загуби и во овој сектор?
– Се согласувам дека голем дел од ИКТ-компаниите можат нешто полесно да го пребродат овој период, но тоа во најголема мера исклучиво зависи од природата и динамиката на индустријата во која се наоѓаат тие. Гледано низ искуството на „Инплеер“, можам да кажам дека брзо реагиравме и со исклучок на извесни процеси што бараа приспособување, мошне ефикасно ја доживуваме транзицијата. Секој од нас веќе формираше импровизирана домашна канцеларија, така што сите сме опремени продуктивно да им пристапиме на обврските од удобноста на нашите домови. Но од друга страна, како дел од бордот на МАСИТ имаме сознанија дека дел од компаниите во ИКТ-индустријата сепак се погодени од оваа криза, особено оние што работат со државните институции или, пак, на пример тие што нудат софтверски решенија во автомобилската индустрија.
Дали ИКТ-секторот може да биде иден двигател на домашната економија со оглед на најавите за одолжување на пандемијата и на потребата од физичко дистанцирање?
– Најпрвин најкратко ќе кажам да, мора да биде. Овој потврден одговор го базирам на повеќе аспекти, кои ќе ги образложам накратко. Сметам дека ИКТ-секторот во наредниот период станува уште поклучен дел од мозаикот како да се исправиме од оваа економска криза бидејќи освен што е најмалку погоден, сега целиот фокус мора да биде како сите аспекти од општеството, кои до овој момент не биле модернизирани, сега со огромни чекори да ги донесеме до она многу повисоко ниво на функционирање, вклучувајќи и целосно имплементирање на нови софтвери и дигитализација на сите аспекти, секако, каде што тоа е можно. Во МАСИТ веќе на големо разговараме и се нудиме во изминатиов период да помогнеме токму во она што самата комора претставува, збир на сите искуства во ИКТ-индустријата, од кои сметам дека многу индустрии ќе можат да извлечат полза и дополнително целата економијата во државата ќе може полесно да види движечки и растечки тренд во краток рок.
Има ли можности ИКТ-индустријата да понуди повеќе иновативни решенија, кои ќе овозможат компании од повеќе области да работат од дома?
– Секако, ИКТ-индустријата може да послужи како пример што други индустрии можат да го следат, доколку е изводливо, од тоа како одредени процеси можат да се приспособат, да се случуваат од дома или онлајн, кои алатки може да се користат за одредени процеси, каков вид реструктурирање на тимовите може да се изведе. Ова се само дел од придобивките, или сегменти од кои засегнатите индустрии би можеле да црпат примери и искуства.
Последно актуелно и екстремно важно поле каде што ИКТ-индустријата може многу да понуди, иако тој сегмент не е дирекно поврзан со компаниите, туку е индиректно и се однесува на образовниот систем, поточно преминот на онлајн настава. МАСИТ како комора се понуди да учествува во целиот тој процес со сите свои технички и организациски искуства и капацитети и од поединци и од самиот компании членки.
Образованието, по здравствениот систем, е најважната гранка на која во моментов ѝ треба системско детално ИТ-решение, кое ќе овозможи лесен начин на функционирање на сите засегнати страни и во исто време, според мене, не треба само да овозможи да нема преголеми дупки во образованието на децата, туку токму треба да биде отскочна штица и за децата, но и за целиот наставен кадар да се претстави нов модерен образовен систем, кој ќе се користи од сега, па во иднина. Сепак, ова нема да биде лесен чекор бидејќи целиот образовен систем е огромен дел од општеството и во исто време многу назад со новитети, но доколку се направат добар план и тим од стручни лица во сите потребни области воден од потребите на Министерството за образование, може во еден оптимален рок да дојдеме до решение од кое сите заеднички, а најмногу наставниците и децата, ќе бидеме задоволни.
Моќта за приспособување предуслов за успех
*Колку македонското стопанство е подготвено да ги следи новите решенија и преку нив да ги надградува своите работни процеси?
Мој личен впечаток е дека постои одредена подготвеност, но целиот процес бара време и приспособување за да се одвива непречено. Капацитетот постои, потребно е само да се најдат начини како и од каде правилно да се црпат искуствата и примерите преку кои ќе се имплементираат процесите, кои во ИКТ-индустријата веќе се востановени и се одвиваат без поголеми проблеми. Стигнувањето до фазата на целосна приспособеност не е нешто што се случува прекуноќ, а ќе бара пред сѐ и активна вклученост на институциите во земјава, кои мора да бидат во чекор со трендовите. Во минатите месеци видов некои светли примери на компании, кои својот начин на функционирање брзо го приспособија и имаат огромен успех, бидејќи сметам дека пазарот е жеден за иновативни начини на користење разни сервиси. Како вечен оптимист и ентузијаст за новитети, се надевам дека пандемијава најпрвин брзо ќе помине, а од неа ќе излеземе со убави зачетоци за многу помодерно и пофункционално општество.