Од денеска почнува аплицирањето за новата кредитна линија преку Развојната банка во висина од 8 милиони евра, која е дел од вториот пакет економски мерки.
Бесмакатните кредити се наменети за микро, малите и средните компании, со цел зачувување на работните места и подобрување на ликвидноста на фирмите.
Кредитните услови предвидуваат каматна стапка од нула проценти на годишно ниво, рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци, како и обезбедување со меница.
За бескаматните кредити можат да аплицираат сите погодени компании од сите дејности кои имаат намалување на приходот на за повеќе од 30 проценти во тековниот период, на пример во месеците март или април 2020 во споредба со истиот месец минатата година или со просечниот месечен приход во 2019 година. Понатаму, компаниите можат да аплицираат ако се регистрирани повеќе од половина година, ако немаат неплатени даноци и придонеси до 31.1.2020, не се во постапка на стечај или ликвидација и не се во категоријата исклучително ризични кредитобаратели.
Минималниот износ на кредитот е 3.000 евра, а максималниот износ е 90.000 евра. Сумата на кредитот се одредува според бројот на вработени од заклучно со 31 јануари наведен во изјава при аплицирање, се множи по бројот на вработени, за пресметани најмногу 3 месеци.
Формулата за пресметка на износот кој компанија може да го искористи е следен: Број на вработени x 14.500 ден x 3 месеци. На пример: компанија со 10 вработени ќе може да добие 14.500 денари X 10 вработени X 3 месеци = 435.000 денари или 7.073 евра.