Економијата ќе се соочува со тешкотии што ќе вршат притисок врз макроекономската стабилност, проследена со раст на инфлацијата, влошување на платно-билансната состојба на земјата, стеснување на можноста платите да ја следат инфлацијата, а сето тоа би предизвикало раст на сиромаштијата во земјата, доколку не запре динамиката на некредибилен раст на јавниот долг, укажуваат економистите. Разбирливо беше што државата мораше да се задолжи поради кризата што се наметна со пандемијата, но клучното прашање е како се трошеа тие средства…
Јавниот долг како повод
Енергично запирање на растот на јавниот долг, а потоа и негово намалување предлагаат економските експерти, со цел да се избегне опасноста Македонија да се најде во слична ситуација како соседна Грција пред неколку години. Укажуваат дека ако јавниот долг продолжи да расте и надмине 70 процени од бруто-домашниот производ, ќе добие згрижувачка димензија. Заклучно со шестиот месец оваа година, јавниот долг во земјава достигна 64,4 отсто од БДП, додека, пак, државниот долг 55,9 отсто од БДП.
Ваквиот раст на јавниот долг, според универзитетскиот професор Томе Неновски, ја носи земјата од средно во високозадолжена земја.
– За релативно кратко време од неколку години јавниот долг на Македонија ја надмина психолошката граница од 50 проценти од БДП и од средно задолжена, земјата се движи по патеката на високозадолжена земја. Со оглед на фактот дека растот на економијата не го следи растот на буџетскиот дефицит, кој, по дефиниција, значи негово вкалкулирање и во јавниот долг, и со оглед на продолжената економско-здравствена криза во земјата, може да се очекува дека во следниот период од 1 до 2 години јавниот долг ќе продолжи да се зголемува и ќе се движи над 70 отсто од БДП. Тоа е, веќе, силно загрижувачка големина на јавниот долг и во земјата треба да се вклучат сите црвени сигнални светла за енергично запирање на растот на јавниот долг, па и негово постепено намалување. Во спротивно, земјата, а во тие рамки и економијата, ќе се соочува со многу тешки, па можеби и непремостливи тешкотии што ќе вршат притисок врз макроекономската стабилност, односно врз можна девалвација на денарот, проследена со раст на инфлацијата, влошување на платно-билансната состојба на земјата, намалувачка продуктивност на трудот, стеснување на можноста платите да ја следат инфлацијата и, конечно, сето тоа би предизвикало зголемување на стапката на сиромаштија во земјата – објаснува Неновски.
Професорот нагласува дека е неопходно да се спроведува долгонајавуваната фискална консолидација, големината на буџетскиот дефицит во следните години да не ја надминува стапката на растот на БДП. Неновски додава дека со сите расположливи мерки и инструменти треба да се поттикнува извозот на стоки и услуги и во рамките на дозволеното и можното, да се намалува увозот на стоки и услуги, да се засилат сега подзастанатите капитални инвестиции во сите сфери на општеството, за сето тоа заедно да води кон засилено стегање на ременот, односно кон штедење на буџетските средства.
– Притоа, не треба да се очекува спектакуларно намалување на јавниот долг во краток временски период, туку со преземените мерки да им се даде сигнал на домашните и на странските економски субјекти дека Македонија води политика на постепено консолидирање на својот јавен долг, што ќе биде силен сигнал дека економијата постепено се стабилизира и дека се прават напори да се спречи појавувањето на т.н. „грчко должничко сценарио“ – укажува Неновски.
Професорот посочува дека евентуалното натамошно зголемување на јавниот долг и неговото надминување на границата од 80 проценти од БДП ќе ја доведат земјата во, речиси, безизлезна ситуација во однос на враќање на долгот. Неновски објаснува дека со толкава, па дури и поголема задолженост се соочуваат и повеќе западноевропски земји, меѓу кои и Германија, Италија и Франција, но нагласува дека, за разлика од нашата економија, нивната економија е силна и може да се соочи со таквиот јавен долг.
– Се плашам дека при натамошно зголемување на јавниот долг, Македонија би можела вторпат (првиот пат беше во средината на 1980-тите години од минатиот век, кога таа беше дел од СФРЈ) да се најде во ситуација на неможност (мораториум) да ги враќа позајмените средства или, како што тоа вообичаено се вика, да прогласи сопствен банкрот – дополнува Неновски.
Наедно професорот укажува дека на плановите да се продава државен имот, било да станува збор за државни одморалишта, енергетски капацитети или, пак, за земјоделско или градежно земјиште што треба да помогне во намалување на трошоците на државата, треба да се пристапи со исклучителна внимателност.
– Од една страна, добро е да се продадат одредени државни капацитети што не се од исклучително важно стратегиско значење за земјата и така да се обезбеди одреден квантум на средства за враќање на јавниот долг. Од друга страна, треба да се направи анализа кој од тие капацитети е можно засилено да се активира и да се поттикне во создавање нова вредност што ќе го зголемува БДП и така ќе создава простор за обезбедување дел од средствата што се потребни за враќање на јавниот долг. Притоа, независно од потребата за дополнителни средства за враќање на јавниот долг, треба да се внимава со продажбата на некој или некои капацитети што се од суштествено значење за нормално функционирање на државата и земјата да не се доведе во ситуација на зависност од одлуките на новите сопственици на тие капацитети. На пример, голем ризик е РЕК „Битола“ да му се продаде на странски економски субјект што би го имал копчето за вклучување/исклучување на државата од дотурот на електрична енергија од тој наш најголем енергетски капацитет. Слично е и со евентуалната продажба на земјоделското/градежното земјиште со чија продажба земјата, практично, би ја загубила тапијата на најголем дел од својот територијален интегритет и суверенитет – објаснува професорот.
Поранешниот гувернер Петар Гошев за „Нова Македонија“ потенцира дека не е важна само висината на долгот, туку опфатот од БДП, плановите за враќање…
– Границата од 60 отсто е можеби оптимална за земји што се дел од Европската Унија, но за Македонија тоа е висока граница. Досега сите укажувања беа дека нашиот јавен долг најоптимално треба да го држиме во граница од 45 до 50 проценти од БДП. Разбирливо беше што државата мораше да се задолжи поради кризата што се наметна со пандемијата, но клучното прашање е како се трошеа тие средства. Прв проблем беше што јавниот долг во време на претходната гарнитура ни порасна на 50 отсто, за инвестиции што не ја подобрија многу економијата. Иако сега поради пандемијата, која е уште полоша криза од финансиската, задолжувањето беше неопходно. Можеби да не беше пандемијата немаше да се задолжиме толку. Сепак, клучно прашање е колкав дел од приливите на државата се одвојуваат за враќање на долговите – вели Гошев. Тој објаснува дека и во иднина државата ќе се задолжува и вообичаено е долговите да се враќаат со нови заеми, но додава дека е значајно притоа да расте и економијата, а со неа и приливите во државата каса со кои ќе се сервисираат обврските.