Најголемиот дел туроператори туристите за кои добиваат субвенции ги носат претежно во Охрид, бидејќи таму има сместувачки капацитети, додека во Маврово, за кое интересот е сѐ поголем, не може секогаш да се најде сместување, објаснуваат упатените
Со поголем број инвеститори и туристички работници, но и со поголема посветеност на надлежните институции, во Македонија може да се развие зимскиот туризам, кој сега, според упатените, е далеку од понудите што ги имаат зимските центри во соседните земји. Со големиот неискористен потенцијал, според нив, доколку тој правилно се насочи, може да се создадат голем број работни места и да се подобри економската стабилност.
Првиот човек на хотелот „Бистра“, кој сега е дел од ребрендираниот ресорт „Маврово“, Огњан Циговски, смета дека со повеќе инвестиции во зимските центри, регионот може да им понуди многу на туристите, и тоа не само на љубителите на зимските спортови туку и на љубителите на алтернативните видови туризам.
– Вонсезонски, Маврово веќе е привлечно. Можеби сѐ уште не е препознаено како вонсезонски центар, но ние и во летниот период немаме слободна соба. Нашата предност е што го имаме спортскиот центар и работиме и со спортските клубови. Но гледаме дека групите што носат странски туристи, од типот на бајкери и планинари, постојано растат. На пример, една агенција во 2018 година имала две-три групи, оваа година донела седум-осум групи. Сметам дека посетеноста на Маврово не е сиромашна, туку тоа што Маврово го нуди е сиромашно – вели Циговски.
Тој истакнува дека надвор од сезона во Маврово работат само трите хотели што се дел од ресортот, додека повеќето од преостанатите хотели се затворени.
– Голем дел хотелски објекти во Маврово се целосно затворени и се чека на нивна препродажба или реновирање… Од друга страна, приватното сместување сѐ повеќе се зголемува. Секоја сезона сѐ повеќе куќи се приспособуваат за да примат туристи. Значи, интерес и посетители има, но недостигаат инвеститори. Треба сите да работат, да работи целата дестинација, за да бидеме уште поуспешни. Наша цел е да работи дестинацијата, да работат сите хотели, не само нашите туку сите расположливи капацитети – додава Циговски.
Тој истакна дека се подготвени за тековната зимска сезона и дека ги послушале желбите на нивните посетители. Според него, бројот на посетителите во Маврово во наредните години ќе расте.
– Најголем дел туроператори туристите за кои добиваат субвенции ги носат претежно во Охрид, бидејќи таму има сместувачки капацитети, додека во Маврово не може секогаш да се најде сместување, нема доволно капацитети. Со промена на правилата на субвенционирање, претпоставувам дека и во Маврово ќе најдат интерес. Сметам дека оваа дестинација ќе расте од година на година, бидејќи бројките го покажуваат тоа – заклучува Циговски.
Тој истакнува дека Маврово како дестинација веќе доживува подем и дека тоа и во иднина ќе продолжи.
– За пресвртот што го доживеа спортскиот центар „Маврово“ последниве две години показател беше и летната сезона. Во спортскиот центар спаѓаат спортските летни терени на отворено и спортска сала, која оваа година од мај до октомври беше домаќин на повеќе спортски школи, тимови и репрезентации за тренинзи и подготовки, кои ги користеа надворешното фудбалско игралиште, малото бетонско кошаркарско, фудбалското и тениското игралиште, како и новоопремената спортска сала за тимски спортови и фитнес – истакнува Циговски.
„Нова Македонија“ пишуваше дека во последниве години поголем дел македонски граѓани што уживаат во зимските спортови ги одбираат центрите во соседните земји. Порано главен предуслов беа цените, но денес предност се и понудите и услугите што ги нудат зимските центри во соседството.
Успешна летна сезона
Летната туристичка сезона што измина, според туристичките работници, може да се окарактеризира како успешна, но, сепак, тие сметаат дека сѐ уште недостигаат соодветни решенија за наредните сезони.
– Измината сезоната ја гледаме како успешна, но, сепак, за во иднина се потребни промени за да бидеме уште подобри. Сега имаме една стабилна ситуација, но за во перспектива се потребни нови решенија – посочи Асим Меџедовиќ од асоцијацијата на хотелиери, автокампови, кафетерии ХОТАМ.
И Државниот завод за статистика забележува пораст на бројот на туристите од почетокот на годината, заклучно со септември. Во првите девет месеци од годинава, споредено со истиот период лани, вкупниот број на туристи е зголемен за 3,4 проценти, и тоа кај домашните за 1,1 процент, а кај странските за 4,8 проценти. Притоа, кај ноќевањата има зголемување за 1,9 проценти, со намалување од 0,1 процент кај домашните и пораст од 4,4 проценти кај странските туристи.
Ресорт „Маврово“ ново име на скијачкиот центар
Новата скијачка сезона ски-центарот Маврово ќе ја почне ребрендиран како ресорт „Маврово“, под чиј бренд се вклучени хотелите „Бистра“, „Спорт“ и „Лоџ“ и спортскиот центар Маврово. Во рамките на ресортот се и ски-лифтовите и веќе познатите содржини, како Галичко бачило, Старо бачило, Трифкова колиба, клубот „Ратрак“, пејзажните ски-патеки на планината Бистра, по кои е препознатлив ски-центарот…
– Наша желба е Маврово да биде прв избор за туристичка дестинација, место за прошетка, излет или спортување на сите во државава, независно дали се љубители на зимските спортови или на летните авантури. Идејата зад логото е да ја заокружиме приказната за Маврово како ресорт со богат избор на содржини – кажа Рипсиме Кузевска, маркетинг-менаџерка на ресортот „Маврово“.
Од идниот месец ски-центарот воведува нов онлајн-систем за купување ски-карти. Новата скијачка сезона се отвора со препознатливите единаесет ски-лифта, три жичници со вкупна должина од 5.700 метри, 25-километарска скијачка патека и капацитет од 11.100 патници на час. И годинава, во периодот од 19 до 22 часот, ќе има можност за ноќно скијање на озвучените и осветлени патеки.
– Поголемите инфраструктурни инвестиции започнаа во 2018 година, кога набавивме и монтиравме современа опрема за заснежување и правење вештачки снег. Системот за вештачки снег на едносед-патеката е во должина од речиси два километри и целосно ја покрива патеката. Вкупната инвестиција е еден милион евра – објаснува Огњан Циговски, директорот на ресортот „Маврово“.
Во текот на оваа година, како што информира тој, била набавена и опрема за заснежување и за правење вештачки снег на ски-патеката „Маврово 2“ или на двосед-патека во вредност од 600.000 евра. Покрај другото, отворена е и нова ски-патека „52“. Патеките се обележани со знаци и поставени се снежни огради. Во близината на бачилото се поставени буквите МАВРОВО, локација каде што посетителите може да уживаат во идеален зимски пејзаж.