Над 12.400 компании аплицирале за мерката 14.500 денари по вработен, а над 1.200 за бескаматни кредити, соопшти потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.
– За мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен може да се аплицира веќе од минатиот петок и според Управата за јавни приходи, за оваа финансиска помош веќе аплицирале над 12.400 компании. Апелирам до сите вас што сеуште немате аплицирано, да го направите тоа најдоцна до 7 мај преку системот за е-даноци на УЈП – рече Петров.
Тој додаде дека со новата флексибилност во уредбата, сограѓани од најпогодените сектори од кризата како угостителството, туризмот и транспортот покрај 14.500 по вработен, можат да добијат поддршка и од 50 отсто од придонесите за април и мај.
– Во врска со враќањето на добиените средства, напоменувам дека фирмите кои ќе ја користат мерката помош од 14.500 по вработен, дури и да покажат добивка за 2020 година, нема да треба да ја вратат помошта што ја добиле од Владата, ако истата сума на пари ја инвестираат во развој на сопствената фирма во текот на 2021 година. Мерката 14.500 денари по вработен, можат да ја користат и занаетчии, фризери, козметичари, земјоделци и други самостојни вршители на дејност. Мерката е иста како за работодавачите – единствена разлика е што апликацијата оди преку системот е-ПДД на УЈП – рече Петров.
Сите компании погодени од кризата сè уште имаат време да аплицираат и за бескаматните кредити од ковид-2 линијата од 8 милиони евра од Банката за обнова и развој на Северна Македонија. Апликацијата за овој кредит е отворена од 29 април и трае 15 дена.