Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претседателите на четирите стопански комори коишто се дел од Платформата за јавно-приватен дијалог.

Претседателите на коморите на претседателот Пендаровски му ги презентираа прогнозите и предизвиците со кои би се соочиле во 2021, со осврт на минатата исклучително тешка година, како на здравствена, така и на економска основа.

Претседателите на коморите информираа за своите анализи и очекувањата на бизнис секторот, за динамиката по која ќе се одвива увозот и извозот на стоки и услуги.

На средбата се разговараше и за владините интервенции во вид на пакети за помош на бизнис секторите погодени од ковид-19.

Истовремено, коморите од Платформата за јавно-приватен дијалог посочија дека треба да се намали бројот на закони кои се носат по брза постапка, а коишто се однесуваат на стопанството. Во оваа насока, претседателот Пендаровски изрази подготвеност за консултација со било која од коморите при потпишување на указите на законите кои регулираат поединости во бизнис секторот.

На средбата присуствуваа Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, Неби Хоџа од Стопанската комора на северозападна Македонија, Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори и Анета Антова Пешева, претседателка на управниот одбор на МАСИТ.