Иселениците најчесто поседуваат уникатни вештини, но нивните мрежи, економско богатство и влијание остануваат неискористени, најголема корист од работењето во странство се и знаењето и квалификациите што овие луѓе ќе ги стекнат таму
Голем дел земји бараат начини за привлекување на парите од своите иселеници за инвестиции. Во Македонија, пак, тие пари главно се користат за тековна потрошувачка, а не за инвестиции. Македонската дијаспора има големо влијание врз македонската економија, а потенцијалите се огромни, но недоволно искористени. Упатените во оваа проблематика велат дека властите во земјата треба да сторат повеќе за да го запрат негативниот тренд на користење на парите на иселениците, но и да изградат политики што долгорочно ќе го извлечат најдоброто од дијаспората. Најдобар механизам што може да се примени е активниот статус што во земјата го уживаат странските инвеститори, чии привилегии доколку им се дадат на нашите иселеници, долгорочно и на повеќе нивоа позитивно ќе се одразат врз нашата економија.
Европскиот совет за односи со странство објави студија на авторката Алида Врачиќ, која се занимава со проблемот на емиграцијата од земјите на Западен Балкан. Според неа, високото ниво на емиграција предизвикува проблеми за државите, но и решенијата за многу од овие проблеми најчесто се наоѓаат во самата емиграција.
– Иселениците најчесто поседуваат уникатни вештини, но нивните мрежи, економско богатство и влијание остануваат неискористени – забележува Врачиќ.
Таа предупредува дека не само за остварување на долгорочните социоекономски цели туку и за иднината на земји како Македонија од клучно значење ќе биде искористувањето на потенцијалот на емиграцијата. Според актуелните процени, Македонија до средината на веков ќе загуби најмалку уште 10 отсто од своето население, а процентот на жители постари од 65 години ќе се искачи до 25 отсто.
– Дознаките од странство се значајна ставка за одржување на билансот на плаќање на Македонија. Така, последните податоци на Народната банка покажуваат дека земјата има трговски дефицит од размената на стоки и услуги со странство од околу 1,8 милион евра. Најголемиот дел од овој трговски дефицит во платниот биланс се покрива од таканаречениот секундарен доход со нето-прилив од околу 1,7 милион евра. Во тој прилив дознаките од домаќинствата и работниците што работат во странство се само 183 милиони евра. Најголемо учество има нето-приливот во менувачкото работење од околу 1,1 милион евра. Се разбира дека најголем дел во тој прилив во менувачниците доаѓа од нашите граѓани што работат во странство, а девизите во кеш ги пренесуваат преку граница – смета Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија
Тој додава дека не треба да се заборави дека во овој прилив влегува и приливот од разни недозволени трговии и други трансакции надвор и дека не може точно да се каже колкав дел од овие средства е од заработките во странство, а колку од нелегална трговија.
– Точно е дека најголем дел од дознаките од странство се користи за намирување на животните трошоци на делот од семејството што останал во Македонија. Тие овие заштеди не ги инвестираат во отворање сопствен бизнис, затоа што се работи за мали средства и затоа што ризикот од неуспех и пропаѓање на бизнисот, а со тоа и на вложените средства, е голем – објаснува Димитров.
Според него, најголема корист од работењето во странство се знаењето и квалификациите што овие луѓе ќе ги стекнат таму.
– Во странство честопати се стекнуваат со знаење и вештини со кои не можат да се стекнат во Македонија. Ова е добра основа за почеток на сопствен бизнис, особено во областа на услугите. Но се разбира дека причината за заминување во странство и одлуката да се остане таму не се само вработувањето и поголемиот стандард. Многу млади луѓе заминуваат надвор од земјата поради политичката нестабилност, невладеењето на правото, непочитувањето на законите, корупцијата и други проблеми што им создаваат општа несигурност на граѓаните – вели Димитров.
Тој нагласува дека е потребно да се направи сеопфатна анализа за потенцијалот на овие луѓе од дијаспората со кои располагаат и начинот како да се привлечат да инвестираат во земјата.
– Освен некои состаноци со странските бизнисмени од македонско потекло, јас не сум видел некоја позначајна стратегија за привлекувањето на овие лица, но сепак првенствено е потребно Македонија да ја направиме сигурна и стабилна земја за живеење на сите граѓани – истакна Димитров.
Професорот и поранешен гувернер на Народна банка, Љубе Трпески, истакна дека државата треба да го искористи потенцијалот од дијаспората и да ги активира иселениците да вложуваат во инвестиции.
– Само на таков начин може да се осигуриме дека при ненадеен прекин на дознаките нема да се соочиме со нагло зголемување на сиромаштијата и колапс на социјалата – вели Трпевски.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески неодамна за „Нова Македонија“ потврди дека најголем дел од дознаките се троши за алиментирање на секојдневните потреби на домаќинствата.
– Сепак, честа е и употребата за луксузни трошења, како автомобили или станови, како и за свадби и други семејни настани. Инвестирањето во бизниси е сѐ уште ниско, многу малку што примаат дознаки ги искористиле парите за некаков микробизнис. Токму тука ја гледам улогата на државата, која треба преку стимулативни мерки да ги поттикне примателите да ги користат парите од странство и за отворање некој мал бизнис, за да ја осигурат сопствената самоодржливост – посочува Петрески.
Според него, инвестирањето е важно за во случај да се намали или прекине приливот на дознаки во семејството.
– Во текот на кризата дознаките се покажаа многу жилави, веројатно затоа што голем дел од нив доаѓа од земји што не беа значајно зафатени од кризата, како Швајцарија, Австралија, Канада, па и Германија и САД. Оттука, на краток рок, не очекувам некои позначајни промени во износот на дознаки. Сепак, на среден рок, можно е дознаките да се намалуваат, од две причини. Прво, со текот на времето, врските помеѓу испраќачите и примателите се оддалечуваат, што е природен тек, и второ сведоци сме на иселувања на цели фамилии од Македонија, кои нема да има кому да му праќаат пари или тоа ќе го прават ретко на поширокото семејство – појаснува Петрески.