Пандемијата го разниша рангот на најголемите економии во светот, туркајќи многу земји во најлоша економска рецесија во поновата историја.

САД, Кина, Јапонија и Германија и натаму се рангираат во првите четири како најголеми економии во светот, додека некои економии напредуваа или паднаа на ранг листата како резултат на пандемијата, а една земја излезе од листата на првите 10 економии, според анализата на Си-ен-би-си.

Овој американски медиум ги спореди земјите во однос на номиналниот бруто-домашен производ од 2019 година, изразен во долари, со проценките на БДП за минатата година од извештајот на ММФ.

САД ја задржаа водечката позиција на списокот на топ 10 економии во светот, при што номиналниот БДП падна минатата година на 20,9 трилиони долари од 21,4 трилиони долари претходната година.

Наспроти ова, второпласираната Кина минатата година забележа номинален БДП на 14,7 трилиони долари од 14,3 трилиони долари една година порано.

Јапонија остана трета по големина економија во светот во 2020 година со БДП проценет на 5 трилиони долари (5,1 трилиони долари во 2019 година), додека Германија се најде на четвртото место чија економија задржа вредност од 3,8 трилиони долари.

Индија, петта по големина економија во светот во 2019 година, минатата година падна на шестото место зад Велика Британија, иако споредбените податоци покажуваат дека БДП на двете земји паднал од нивото од 2,8 трилиони долари пред две години на 2,7 трилиони долари минатата година.

Седмата позиција се уште ја држи Франција со номинален БДП од скоро 2,6 трилиони американски долари (2,7 трилиони долари во 2019 година), а осмата е Италија со вредност на економијата од приближно 1,9 трилиони долари во 2019 година).
Бразил, кој беше деветта по големина глобална економија во 2019 година, испадна од првите десет, препуштајќи и го местото на Канада, чиј БДП минатата година беше проценет на 1,6 трилиони долари (1,7 трилиони милијарди минатата година), и е рангиран на 10-то место од најмоќните.