Епидемијата на коронавирусот ќе поништи неколкугодишен успешен раст во регионот кај економиите што се свртеа кон автомобилската индустрија и извозот и кои дури ги надминаа побогатите од Западна Европа
Сите предвидуваат пад на македонскиот БДП, неизвесно е колкав
Владата викендов го објави третиот пакет економски мерки со кои се обидува да ги ублажи последиците од корона-кризата во земјава, но прогнозите на Европската комисија (ЕК) се дека македонската економија до крајот на годината ќе се соочи со пад на БДП од 3,9 отсто.
Очекувањата на ЕК се дека ќе се зголемат дефицитот, невработеноста и јавниот долг, а земјава ја очекуваат и проблеми со извозот.
Понатаму во процените на ЕК за Македонија се предвидува намалување на приходите во буџетот за 25 отсто, а буџетскиот дефицит да изнесува 6,8 отсто.
Познавачите на состојбите сметаат дека има место за оптимистички прогнози, но оптимизмот може да биде заменет со песимизам во претстојниот изборен период.
– Прогнозите во овој момент се оптимистички. Но не треба да заборавиме дека ни претстои изборен период и во зависност од политичките турбуленции би можело да имаме и попесимистичко сценарио – вели Мендерес Кучи, претседател на Комората на северозападна Македонија.
Според него, во следниот период би можеле да се јават неколку проблеми, кои во своите прогнози ги предвидува и ЕК.
– Немањето доволно средства државата да го враќа данокот на извозниците ќе се одрази негативно врз извозниците. Падот на извозот значи и тешко враќање на претходната состојба – нагласува Кучи.
Тој додава дека втор проблем е вработувањето, односно недостигот од квалификувана работна сила.
– Овој проблем останува. И покрај мерките на државата, тоа не даде плод. Подолг период алармираме дека е потребен акциски план за решавање на овој проблем, но ништо не е направено. Сето тоа може да влијае и врз БДП, што може да падне и до -5 отсто – појаснува Кучи.
За првиот човек на Комората на северозападна Македонија не е добро и што со ребалансот на буџетот средствата се пренасочени во финансирање на партиите и други непродуктивни намени наместо во стопанството.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека сите прогнози и предвидувања што ги прават Европската комисија, Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд се затоа што тие се должни да го направат тоа и врз тие прогнози се креира економската политика.
– Но тие прогнози од овие институции се несигурни, па затоа на краток рок има нови предвидувања. Колкав ќе биде падот на економијата никој не може со сигурност да предвиди. Сè зависи од тоа колку ќе трае заканата од вирусот. Ако исчезне летово, тогаш и прогнозите ќе бидат пооптимистички, но доколку се врати наесен, тогаш и прогнозите ќе бидат песимистички – вели Узунов.
Според него, станува збор за здравствена криза со суштински рефлексии врз економијата.
– Оние земји што зависат од туризмот, нормално дека ќе имаат поголем пад на БДП, додека оние што зависат од земјоделството, ќе имаат помал пад – нагласува Узунов.
Тој уште додава дека добро би било во претстојниот период повеќе да се работи, на некој начин да се обезбеди резерва за есен, со намера и падот да биде помал доколку вирусот повторно се врати.
– На некој начин треба да функционираме според принципот стегање-отпуштање – појаснува професорот Узунов.
Источна Европа веќе бележи пад во економијата
Државите од Источна Европа, кои претходно беа најбрзорастечки дел од Европа, сега се соочуваат со најлошата рецесија по падот на комунизмот, но се предвидува побрзо закрепнување за разлика од нивните западни соседи.
Епидемијата на коронавирусот ќе поништи неколкугодишен успешен раст во регионот кај економиите што се свртеа кон автомобилската индустрија и извозот и кои дури ги надминаа побогатите од Западна Европа.
Економиите на источноевропските земји како Бугарија, Романија, Хрватска, Унгарија, Словенија, Словачка, Чешка, Полска, Литванија, Летонија и Естонија, колективно ќе се намалат за 6,9 отсто годинава, како што предвидува Европската комисија.
Сепак, со постепеното повлекување на рестриктивните мерки низ континентот, претставниците сè почесто најавуваат предвидувања за закрепнување на економијата.
Според Европската комисија, регионот ќе забележи експанзија од 6,1 отсто следната година.
Многу ќе зависи од Германија, најголемата европска економија и клучен трговски партнер, кој забележа намалување од 2,2 отсто во првиот квартал.