Наплатата на акцизите и на увозното ДДВ бележат пад од десет отсто во март годинава, додека извозот на производи е зголемен во однос на истиот период лани. Во овој период, од значење е зголемувањето на извозот на земјоделски производи, кажа директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
– Наплатата на акцизите и увозното ДДВ е намалена за 654 милиони денари. Тоа е резултат на намалувањето на потрошувачка на акцизни стоки, но и на намалувањето на цената на нафтените деривати – објасни Танасоски.
Тој посочи дека во изминатиот период и во услови на здравствена криза нема сериозно нарушување во поглед на извозот и увозот на стоки со сите соседни држави и во реализацијата на „зелениот коридор“ за транспорт на медицински материјал и опрема, како и транспорт на прехранбени производи и земјоделски производи.
– Во периодот јануари – март годинава е реализиран извоз од 1,41 милијарда евра. Количински се извезени 702.660 тони. Непречено се одвива и извозот на земјоделски производи, како свеж зеленчук и овошје. Кај свежиот зеленчук има зголемување на извозот во однос на минатогодишниот март за три илјади тони, или парично тој изнесува 4,7 милиони евра. Во однос на свежо овошје, извозот во март изнесува 3,7 милиони евра или 9.126 тони – рече Танасоски.
Од почетокот на месецов е воведен целосно бесхартиениот систем на царинска постапка, со што физичкиот контакт со клиентите е сведен на минимум. За да ги олесни царинските постапки, како што објасни Танасоски, Владата ги укинала царинските давачки за увоз на медицинска опрема и на смрзнато месо и ги продолжила одобренијата. Овозможено е и одложување на плаќањето царини додека трае кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.