Ослободување од плаќање на аконтации на данок за личен доход и аконтации на данок на добивка за месец март, април и мај е една од последните одлуки на Владата за помош на даночните обврзници кои трпат штети во работењето поради мерките за заштита од коронавирусот. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска посочи дека ослободување на аконтациите за данок на добивка се однесува на правните лица од угостителската дејност и туризмот, како и за другите субјекти кои имаат штета во работењето.
– Во овој момент најважна е помошта од државата за да им се помогне на сите кои се погодени од оваа криза. Владата донесе уредба за примена на Законот за личен доход за време на вонредна состојба, со кој се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, за месеците, март, април и мај, како и уредба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај. Ослободувањето од плаќањето на аконтациите на данокот на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам и транспорт, како и други обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за заштита од ковид-19 – посочи Лукаревска.
Таа ги соопшти и условите кои треба да се исполнуваат за да се користи правото за ослободување од овие аконтации.
– За да го користат ова право, тие треба да ги исполнуваат условите, односно да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид на годишна награда на вработените, како и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегување на сила на уредбата до денот на траењето односно 15 јуни. Исто така, да не го намалат бројот на вработени од 26 март до три месеци по престанувањето на важност на уредбата – додаде директорката.
Фирмите од останатите дејности, освен туризмот и угостителството, исто така можат да ги користат овие две привилегии, но под други услови.
– Обврзниците од останатите дејности, правото од ослободување на плаќање на аконтации на данок на добивка, можат да го користат ако ги исполнуваат следните услови а тоа се вкупните приходи да им се намалени за најмалку 40 проценти во тековниот месец, во однос на месец февруари или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година да изнесува повеќе од 40 проценти во однос на истиот период во претходната година. Бројот на вработени кои не работат, односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник, работодавач, заради спроведување на мерките да изнесува најмалку 25 проценти од вкупниот број на вработени во однос на месец февруари или под број три, даночниот обврзник да затворил најмалку 50 проценти од продажните места преку кој го остварува прометот, како подружници, продажни објекти и слично – додаде Лукаревска.
Правото за ослободување од аконтациите се остварува преку електронско поднесување на апликација.