На следната седница на Владата ќе бидат донесени нови мерки во земјоделството, а тие конкретно ќе се однесуваат на производството на ориз и на јаболка.
Ова го најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, за време на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, најавувајќи тековна, но и подолгорочна поддршка за земјоделските производители.
– Кај нас имаше скоро десетгодишен застој во инвестирањето во науката за оризот, поради што во Програмата за рурален развој за 2019 година предвидуваме мерки за модернизација на Институтот за ориз во Кочани. Ќе се инвестира во набавка на опрема, но и за едукација на вработените со што ќе ги насочиме нашите долгорочни политики кон истражување на можностите и на нови сорти во оризопроизводството. Истовремено, креираме стратешки мерки за целокупното земјоделство, при што распишани се неколку повици преку кои, со меѓународно признати институции кои ни помагаат, очекуваме растот на целиот сектор да биде многу поголем од три отсто, колку што беше во првата половина од годината, истакна Николовски.
Во рамки на интервентните мерки во земјоделството, министерот Николовски потсети дека минатата година субвенциите за сите земјоделски производи беа зголемени линеарно за десет проценти, додека кај оризот тоа зголемување било далеку поголемо и изнесувало околу 300 отсто по хектар во споредба со претходниот период.
Николовски истакна дека од овогодишната жетва на оризот во Кочанско се очекуваат просечни приноси по околу пет илјади килограми од хектар, при што вкупната реколта би требало да тежи околу 15.000 тони оризова арпа.
Поради помалите површини што беа засеани пролетва, земјоделските производители се надеваат на пораст на откупната цена, која во моментот се уште е под очекуваното ниво и се движи околу 13 денари за килограм арпа.