Колкави се шансите планираниот економски раст да се оствари и дали тој може да биде „разнишан“ од пандемијата или скапите енергенти? Експертите и бизнисмените укажуваат дека е крајно време планираните капитални инвестиции да почнат да се реализираат доследно, наспроти досегашната практика на нивно кратење и префрлање на средствата во други области

БУЏЕТОТ ЗА СЛЕДНАТА ГОДИНА НИЗ ПРИЗМА НА ЕКОНОМИСТИТЕ И АНАЛИТИЧАРИТЕ

Економски раст од 4,6 отсто, повеќе пари за зголемување на платите на медицинскиот персонал, повеќе пари за капитални инвестиции, но и нови обврзници. Ова се дел од најавите на министерот за финансии, кој го презентира новиот буџет за 2022 година и посочи дека е развоен. Сепак, присутноста на пандемијата, која создава неизвесност и несигурност, што се одразува врз стопанството, но и недостигот и наглиот пораст на цените на енергентите во Европа и во светот дополнително ги доведуваат во прашање плановите за следната година. Колкави се шансите планираниот економски раст да се оствари и дали тој може да биде „разнишан“ од пандемијата или скапите енергенти? Експертите и бизнисмените укажуваат дека крајно време е планираните капитални инвестиции да почнат да се реализираат доследно, наспроти досегашната практика на нивно кратење и префрлање на средствата во други области.
– Не паметам министер за финансии што рекол дека буџетот не е развоен, дури и од времето на Југославија сите го презентираат буџетот како развоен. Суштината на буџетот е пред сѐ да се направи рамка за финансирање на јавните институции, дополнително кај нас се става акцент на јавните инвестиции, односно на капиталните проекти. Сепак, низ годините никогаш средствата за капитални проекти не биле поголеми од средствата за социјални трансфери, а проблематично е што исто така никогаш планираните пари за капитални инвестиции не биле целосно вложени во тоа што се планирало. Напротив, секоја година се прави ребаланс на буџетот, дури некогаш имаме и два рабаланса, и со нив дел од средствата наменети за капитални инвестиции се пренасочува за други цели. Честопати во изборни години, а често сме во изборни години, особено што не можеме да дочекаме редовен термин, туку имаме предвремени избори, со ребалансот парите се трошат на непродуктивни цели и се насочуваат кон изборните цели – потенцира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Тој посочува дека стапката на раст што ја најавуваат владините претставници, но и странските релевантни институции, го зачудува, имајќи ги предвид и пандемијата и проблемите со енергијата, проблем што е особено проширен во Европа и кој лесно може да се пренесе и кај нас.
– Ме чуди како би ја оствариле стапката на раст од 4,6 отсто, не дека не би сакал да се оствари, но гледајќи ги случувањата во светот, навистина се наметнува прашањето дали таа ќе се оствари. Ако гледаме во околината, соседи со слична големина проектираат и уште поголеми стапки на раст, но тие и оваа година остварија поголем раст на БДП од нас. Би сакал плановите да се рeални и остварливи, но сметам дека во економијата и во излагањата не ни треба популизам, бидејќи граѓаните и самите чувствуваат дека им се намалува куповната моќ, не им треба некој на телевизија да им кажува дека просечната плата се зголемила. Сметам дека наративот на претерано оптимистички прогнози треба да се избегнува, бидејќи сите следиме што се случува, како на енергетско поле, така и со состојбите со пандемијата. Несериозно е некои од владините претставници да велат дека немаме криза и дека сѐ е во ред, а други да укажуваат дека поради ненајавено повлекување енергија предупредени сме од европската мрежа и дека ќе треба да се одвојат големи финансии. Енергетиката, иако е сериозен сектор, за жал десетина години е занемарувана и сега се чувствуваат или допрва ќе се почувствуваат последиците. Таму нема брзи решенија, ниту увозот на јаглен не е брзо решение, едно е откако ќе биде договорен, а сѐ уште не знаеме што ќе се случи со вториот тендер, колку време ќе треба да се испорача тој јаглен и со каков квалитет – укажува Хајредини.

Поранешниот министер потенцира дека ниту одлуката за премин кон зелена енергија не ја спроведуваме доследно, што исто така е сигнал за лошо менаџирање, бидејќи сега, со набавката на јаглен, повторно се враќаме кон фосилните горива. Наедно тој потенцира дека немањето план во буџетот за евентуални енергетски шокови е исто така несериозно. Што се однесува до плановите за раст на задолжувањето, Хајредини потенцира дека не е важно дали се нови и како ќе се нарекуваат обврзниците, туку по која камата ќе бидат издадени, но и како ќе се враќаат. Тој исто така посочи дека дополнителен проблем во плановите може да направат и новата политичка криза што се создаде по локалните избори и неизвесноста што сега се наметна во земјава.
Во согласност со најавите, во буџетот за следната година е предвиден раст од пет проценти на платите во здравството, потоа 15 отсто раст на платите во судството и обвинителството, седум проценти раст на платите во образованието, но и десет отсто повисоки плати во инспекциските служби.
Бизнисмените, пак, потенцираат дека неизвесноста е присутна насекаде, што претставува сериозна кочница за бизнисот и за нови инвестиции. Според нив, буџетот за следната година треба да е реален, но исто така укажуваат и на кочниците за понатамошен раст и реализација на капиталните инвестиции, бидејќи имаме промена на локално ниво.
– Факт е дека сѐ уште сме во пандемија, а дополнително нѐ очекува и енергетска криза. Начинот на кој ќе се собираат средствата во буџетот е под знак прашалник. Реално, задолжувањето станува многу скапо, а дополнително сметам дека ќе има помали приходи по основа на даноци, па можно е да имаме ребаланс уште во првиот квартал од следната година. Друг проблематичен аспект е што буџетот е донесен во Владата пред вториот круг локални избори, по кои забележуваме дека има промена во изборот на народот. Со промената на градоначалниците, кои се од друга политичка партија, не од владејачката, не знам дали реализацијата на капиталните инвестиции ќе се одвива во согласност со плановите. Добар дел од капиталните проекти е за локален развој. Дополнително, пандемијата повторно зема замав и може многу лесно да се случи нов домино-ефект, кој ќе нѐ чини многу поскапо – укажува првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Во согласност со најавите, државата планира да собере 3,9 милијарди евра од даноци, што е за 7,4 проценти повеќе од годинава. Расходите се проектирани над 4,4 милијарди евра, или толку пари ќе се потрошат за сервисирање на обврските. Разликата ќе се дополнува преку задолжување, за што се планира издавање нови обврзници. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 4,3 проценти од БДП, или 544,4 милиони евра. Ќе се враќаат и 188 милиони евра веќе позајмени пари. Владата планира дефицитот да го пополнува со 441 милион евра заем од домашни извори, а 346 милиони евра од странски извори. Според процените, крајот на 2022 година ќе го дочекаме со ниво на јавен долг во висина од 65,5 проценти од БДП. Инфлацијата се прогнозира да изнесува 2,4 отсто.
– Во 2022 година остануваме посветени на остварување на приоритетите за забрзан економски раст, со посебен фокус на здравството, фискалната консолидација, на тековните реформи, судството и евроинтеграцијата, зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, развојот на човечкиот капитал, инвестициите во физичката инфраструктура, социјалната кохезија, зајакнувањето на институционалните капацитети – истакна Бесими.
По усвојувањето од страна на Владата, буџетот оди во Собранието, за него прво ќе се расправа во Комисијата за финансирање и буџет.