Пензискиот фонд наместо од придонеси, повеќе се полни од буџетот на државата. Потребно е да се направи добра анализа по сектори и да се најде комбинирано и сеопфатно решение што нема да биде исто за сите работници и за сите сектори. Експертите сметаат дека постојниот пензиски систем е неодржлив
Придонесите на вработените не се доволни за покривање на пензиите, па Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и оваа година ќе чека буџетска поддршка. Од вкупните приходи, кои изнесуваат исто како и расходите над 1,3 милијарда евра, дури 520 милиони евра се пари од државниот буџет, а изворните приходи на фондот се околу 762 милиони евра. Сепак, како што најавија од Владата, во јули годинава ќе има уште едно законско усогласување и раст на пензиите за 1,7 отсто.
Зголемувањето на зависноста на Фондот од буџетот од година на година се смета за клучен проблем. Меѓународните институции во неколку наврати сугерираа да се зголеми старосната граница за пензионирање, но и за пензискиот придонес, за да може да се зголемат изворните приходи и да се пополни дупката во Фондот.
Дека пензиската реформа е неопходна за да се стабилизира растот на дефицитот во пензискиот систем, а на долг рок и неговата самоодржливост, потврдува и универзитетскиот професор Марјан Петрески.
– Со интервенцијата кај придонесите и заменските стапки од 2019 година се сврте трендот на продлабочување на тој дефицит и тој потег е еклатантен пример дека се неопходни такви мали но значајни промени во политиките, кои на долг рок ќе овозможат консолидација на пензиските финансии – објаснува Петрески.
Според него, нема простор да се зголемуваат пензиите повеќе од предвиденото законско усогласување, кое е важно да го одржи животниот стандард на пензионерите.
– Лично го изнесувам ставот дека отворено и аргументирано мора да разговараме и за други интервенции кај пензискиот систем, како што е старосната граница за пензионирање – интервенција што не смее да се случи одеднаш, туку со соодветна најава и подготовка за иден период. Меѓутоа, таква интервенција, која е важна не само од перспектива на санацијата на финансиската состојба на фондот туку и затоа што животниот век на населението не е ист каков што бил пред 10-20 години, ќе овозможи стабилна консолидација на пензискиот фонд и со текот на времето ќе ја намали зависноста од централниот буџет, односно од општото оданочување – истакна Петрески.
Како што вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, карактеристично за Македонија е што, покрај овие проблеми, во последните години свесно, заради привлекување странски инвеститори, но и за субвенционирање нови вработувања во домашни фирми, се ослободуваат од плаќање придонеси компаниите и вработените.
– На овој начин не само што се зголемуваше недостигот од средства за исплата на пензиите денес туку се предизвикуваше и недостиг од средства за идните години, кога овие лица ќе исполнат право за пензија – истакна Димитров.
Тој додава дека едностраните решенија ќе елиминираат еден проблем, но истовремено ќе предизвикаат друг, на пример зголемувањето на стапката на придонесот ќе ја намали конкурентната способност на домашните компании и ќе ги демотивира работодавците да отвораат нови работни места и негативно ќе влијае на стапката на невработеност.
– Зголемувањето на старосната граница ќе биде многу нехумано решение за вработените во земјоделството, градежништвото и некои преработувачки индустрии и ќе се случи вработените да не можат да дочекаат пензија, а повеќе од 40 години уплаќале придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Затоа, едностраните и едноставните решенија се погрешни – укажува Димитров.
Како што појаснува тој, потребно е да се направи добра анализа по сектори и да се најде комбинирано и сеопфатно решение што нема да биде исто за сите работници и за сите сектори.
– Потребата дел од средствата за пензионирање да се обезбедува од буџетот е неопходна и без тоа не се може. Но буџетот се полни од најразлични извори и овде постојат многу различни можности тој товар да се распредели поправично – препорачува Димитров.