Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска ја посетија Технолошко-индустриската развојна зона Тетово. За време на посетата тие одржаа средба со менаџментот на компанијата Нормак која ја менаџира зоната во Тетово и ја посетија компанијата Леар Корпорејшн.
Вицепремиерот Анѓушев при оваа посета го изрази задоволството за тоа како се одвиваат работите во зоната, а се разговараше и за предизвиците со кои се соочува Нормак како и за и нивно надминување.
На средбата беа истакнати и мерките од Планот за економски раст, при што вицепремиерот најави нова инвестиција во зоната, македонско-холандска компанија која според најавите би инвестирала 7 милиони евра и би вработила 100 лица во наредниот период.
-Денешната средба и разговорите нè уверија дека ТИРЗ Тетово се повеќе ги исполнува очекувањата и дека управувањето со оваа зона преку формулата на јавно приватно партнерство е многу успешно. Оптимистичка и поттикнувачка е информацијата од Леар, којашто е веќе успешна компанија дека ќе го зголеми својот капацитет и бројот на вработени. Тоа значи дека компаниите веќе ги препознаваат политиките на Владата за поддршка на новите инвестиции и целокупниот развој. Токму затоа, во оваа зона наскоро ќе има и нова инвестиција, компанијата Глас Флекс, создадена со македонско-холандски капитал. Тие ќе инвестираат приближно 7 милиони евра и ќе вработат над 100 луѓе. Веруваме дека со ваквата динамика и развој, оваа индустриско-технолошка развојна зона ќе добие поинтензивен развој“- потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Министерот Бектеши, при своето обраќање ги повика компаниите да ги користат бенефициите од законот за економски раст и мерките кои предвидуваат поттикнување на развојот на компаниите.
-Има многу заинтересирани компании коишто сакаат да инвестираат. Имајќи го предвид Законот за поддршка на инвестициите ги повикувам сите компании кои веќе инвестирале во 2017 година, до крајот на јуни 2018 година да ги поднесат своите апликации да добијат поврат на средствата за своите инвестиции, а воедно оние компании кои инвестирале во 2018 година и планираат инвестиции и во следните години, уште еднаш да ги разгледаат добро мерките што се предвидени во Законот и се надевам дека ќе најдат доволно и доволно поддршка да ги интензивираат своите инвестиции во нашата држава- нагласи Бектеши.