Народната банка почна активности за подготовка на првата национална стратегија за финансиска едукација на населението, во рамки на проектот за техничка помош за финансиска едукација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Министерството за финансии на Холандија.
Претставници на ОЕЦД и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска на средба потенцирале дека кај сите вклучени страни постои цврста решеност за максилана посветеност на проектните активноси. Првата тековна фаза опфаќа мапирање на главните активности кај јавниот и приватниот сектор во земјава и утврдување на фактичката состојба за активните програми во полето на финансиската едукација.
Ангеловска-Бежоска истакнала дека проектот дава одлична можност за утврдување на идните активности за натамошно подигнување на нивото на финансиска писменост на населението во земјата, соопшти Народната банка.
Во петгодишниот проект, покрај Народната банка, се вклучени и Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Целта на проектот е градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, како и изработка на национална стратегија за финансиско едуцирање на населението.
Претставниците на ОЕЦД во рамки на мисијата во државава денеска ќе имаат работни средби и со експерти од централната банка, министерствата за финансии и за образование и наука, како и со неколку меѓународни организации. Во Народната банка ќе се одржи и тркалезна маса со претставници на приватните финансиски институции, со цел да се согледаат нивните активности од областа на финансиската едукација. За утре е предвидена и тркалезна маса на којашто ќе учествуваат претставници на сите регулаторни институции на финансискиот систем на земјава, коишто заеднички учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија.
– Овие активности претставуваат уште една потврда за заложбите на финансиските регулаторни институции за следење на светските трендови во делот на финансиската писменост, како и за зајакната координација во овој домен и со приватните финансиски институции- наведува во соопштението НБРМ.