Покрај тоа што цените на храната на глобално ниво константно се зголемуваат, на овдешните пазари деновиве секојдневно се менуваат, особено кај зеленчукот и другите сезонски производи
Цените на храната ќе продолжат да растат, а платежната моќ на граѓаните ќе продолжи да слабее, како резултат на одолжувањето на здравствено-економската криза, прогнозираат упатените по последните забележливи поскапувања на прехранбените производи во земјава и објавата на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) дека десетти месец по ред цените на храната на глобалните пазари продолжуваат да се зголемуваат, при што најголем раст има кај млечните производи, месото и кај растителните масла. Освен тоа, на овдешните пазари, како што забележуваат граѓаните, деновиве, секојдневно се менуваат цените, особено кај зеленчукот, и како резултат на желбата на трговците да ги искористат и велигденските пости, при што благите пиперки на пример се продаваат речиси по исти цени како и месото.
– Поради пандемијата пораснаа цените на доста прехранбени продукти на светските берзи. Минатата година ФАО кажа дека, како резултат на пандемијата, ќе се зголемат цените на храната и тоа ќе предизвика глад. И како што гледаме, светските берзи почнаа да реагираат и доста прехранбени производи се со доста зголемени цени. Она што во понатамошниот период може да се очекува во Македонија е да растат цените на повеќе прехранбени производи.
За жал, голем дел од населението ја потценува здравствената криза, но она што секогаш мора да го има предвид е дека колку е подолга здравствената криза, толку подлабока ќе биде економската криза, од која реперкусии ќе има голем дел од населението, а пред сѐ поранливите негови членови, вклучувајќи голем дел од работничката класа. Ние сѐ уште сме земја во која релативно е евтина храната и немало проблеми со глад, но во следниов период, за жал, ќе мора да гледаме некои проблеми што мислевме дека се во длабоко минато и никогаш нема да се соочиме со нив – вели професор д-р Здравко Савевски.
Пазарџиите потврдуваат дека цените речиси секојдневно се менуваат под диктат на трговците, а нивниот пораст го правдаат со поскапувањето на превозот, особено за увезените производи.
– Се увезуваат производи од Грција и сега доста се увезува од Албанија, како јагоди, пиперки, краставици. Така, на пример, на најголемиот пазар во Скопје, на Бит-пазар, увезените краставици се со различен квалитет и од различни земји. Во зависност од тоа, краставицата може да се купи по цена од 70 до 100 денари за килограм. Имаме албанска јагода пакувана во канче од 680 грама, во зависност од квалитетот, ја продаваме од 100 до 120 денари за килограм.
Лимонот чини 60 денари, а портокалот се нуди од 40 до 60 денари за килограм. Бананите стандардно чинат од 60 до 65 денари, а јаболката од 35 до 40 денари во зависност од сортата и квалитетот, оние понеквалитетните се 20 денари. Тетовскиот грав слабо го има, ама се продава по 200 денари за килограм, а има и грав по цена од 100 до 120 денари за килограм. Табла јајца чини од 120 до 200 денари, колку што се продаваат струмичките пиперки, додека албанската пиперка чини 120 денари – вели Мамер Салиу, закупец на тезга на Бит-пазар.
Граѓаните, пак, најмногу реагираат на поскапувањето на благите пиперки, како мошне користен производ во текот на велигденските пости, бидејќи тие сега ја достигнуваат цената и до 200 денари, додека килограм свински пафлак може да се купи за 280 денари. Бабурите, пак, по локалните дуќани и пазарите се по 180 денари. Лукот, кој овој период поради пандемијата е многу баран, се продава по цена од 300 до 350 денари за килограм, иако претходно чинеше од 250 до 280 денари. Три китки млад лук, пак, на пазарите се продаваат за 50 денари. Килограм спанаќ чини од 30 до 40 денари, а во некои дуќани и по 50-60 денари. Младата зелка за салата чини 50-60 денари за килограм. На зелениот пазар во Скопје килограм ѓумбир, исто така многу баран производ во пандемијава, се нуди по 250 денари за килограм.
Младиот компир на почетоков на март годинава на зелените пазари се продаваше по цена од 50 до 60 денари, а сега чини од 80 до 110 денари за килограм, а доматите може да се купат по цена од 100 до 160 денари. Китка праз во локални дуќани со три страка се нудеше за 35 денари, а сега за тоа треба да се издвојат 50 денари, додека парче пашканат од 20 сега поскапе на 30 денари, намирница што е неопходна при приготвување супи.
Поскапеа и индустриските производи за прехрана, при што некои од нив речиси двојно, како сончогледовото масло за јадење, кое во август минатата година многумина и со ваучерите од Владата „купувајте домашни производи“ за есенската зимница го набавија по цена од 49 денари, а сега веќе се продава и по повеќе од 100 денари. Конзервираните домати пелати од 400 грама од 42 денари сега имаат цена од 49 денари. Тегла домашен ајвар цела зима се продаваше по 135 денари, а сега повторно чини како и на почетокот на септември, 159 денари.