Фото: Маја Јаневска-Илиева

За една држава не е важна само висината на долгот како номинална вредност туку и нејзиното учество во бруто-домашниот производ, како и тоа колку долгот придонесува за развој на економијата и какви се можностите за негово враќање, објаснуваат упатените

ОТКАКО ВЛАДАТА ГИ НАДМИНА СОПСТВЕНИТЕ ПРОЕКЦИИ ЗА ЗАДОЛЖЕНОСТА

Последните податоци објавени од Министерството за финансии за јавниот долг на земјата покажуваат дека заклучно со јуни годинава, тој достигнал 64,4 проценти од бруто-домашниот производ. Од почетокот на пандемијата јавниот долг е во континуиран раст и одамна ја надмина психолошката граница од 60 проценти, а она што загрижува е што тој и во следниот период ќе се зголемува. Во согласност со „Стратегија за управување со јавен долг 2022-2024“ со проекција до 2026 година, изработена од Министерството за финансии, јавниот долг ќе продолжи да расте и следната година. Нивните проекции предвиделе дека оваа 2021 година јавниот долг ќе се искачи на 63,9 отсто од БДП, а следната 2022 година на 65,9 проценти. Веќе од 2023-та се планира благо намалување на 65,2 отсто, кое треба да продолжи и следните години, а дури во 2026-та да падне под 60 проценти од БДП.
Но податоците покажуваат дека овие проекции веќе се надминати и на средината од 2021 година Македонија е задолжена со 64,4 проценти од БДП. Ваквата состојба дополнително го наметнува прашањето дали висината на јавниот долг може да биде преголем товар и кочница наместо поддршка за развој на економијата. Упатените укажуваат дека за една држава не е важна само висината на долгот како номинална вредност туку и нејзиното учество во бруто-домашниот производ, како и тоа колку долгот придонесува за развој на економијата и какви се можностите за негово враќање.

– Границата од 60 отсто е можеби оптимална за земји што се дел од Европската Унија, но за Македонија тоа е висока граница. Досега сите укажувања беа дека нашиот јавен долг најоптимално треба да го држиме во граница од 45 до 50 проценти од БДП. Разбирливо беше што државата мораше да се задолжи поради кризата што се наметна со пандемијата, но клучното прашање е како се трошеа тие средства. Прв проблем беше што јавниот долг во време на претходната гарнитура ни порасна на 50 отсто, за инвестиции што не ја подобрија економијата. Иако сега поради пандемијата, која е уште полоша криза од финансиската, бидејќи имавме забрана за движење, што придонесува за намалување на економската активност на луѓето, задолжувањето беше неопходно. Можеби да не беше пандемијата немаше да се задолжиме волку. Сепак, клучно прашање е колкав дел од приливите на државата се одвојува за враќање на долговите – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Тој потенцира дека е очекувано долговите да се враќаат со нови заеми, но додава дека тоа не е толку страшно, туку дали расте економијата, а со неа и приливите во државата каса со кои ќе се сервисираат обврските.
– Сегашното ниво на долгот е во ризична позиција и мора да се наоѓаат мерки што ќе водат кон негово намалување – истакнува Гошев.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини потенцира дека последиците од задолженоста врз земјата може да бидат многу далекосежни, особено ако државата не е во можност да ги враќа средствата.

– Не треба фокусот само да се става на процентуалната задолженост, дали е 60-70 проценти, туку за која држава станува збор. Познато е дека Јапонија има долг поголем од 100 отсто од БДП, и тоа со години, но нема проблем со враќање на кредитите, ниту со добивање нови. Многу е важно колку е задолжена државата и дали е способна да го врати долгот, дали со новите заеми го поттикнува растот на економијата и дали создава нов поголем БДП, што не е случај кај нас. Малку треба македонските владини претставници да се огледаат на начините на кои германските владини лица ги образложуваат состојбите и предизвиците на нивната земја и да учат како треба да се соопштуваат фактите. Овде никој не образложува како ќе се враќа долгот, туку сите излегуваат да кажат дека ќе се градат нови автопатишта, но нема објаснување како ќе се финансира, од каде ќе се најдат пари, како ќе се враќаат ако се заеми. Дополнително што потоа може и да не се изгради и никој да не одговара оти било предизборно ветување. Кај нас е најбитно да се прикажат работите во многу добро светло. Никој не ги обвинува надлежните за пандемијата, но неопходно е реално да ги образложат фактите – појаснува Хајредини.
Поранешниот министер дополнува дека надлежните не објаснуваат во јавност како ќе се враќаат веќе земените кредити, ниту кои било други значајни детали за нив. Тој потенцира дека и 50 проценти задолженост од БДП е високо ако задолжувањето не придонесува за растот на економијата.

– Засега се одложуваат проблемите, но многу наскоро ќе мора да се најдат средства за враќање на долговите, а ако тоа е на товар на реалната економија, може да биде сериозна кочница за понатамошен развој – укажува Хајредини.
Како што е наведено во „Стратегија за управување со јавен долг 2022-2024“, објавена на веб-страницата на Министерството за финансии, се прави рамка во која ќе се движи јавниот долг во периодот од 2022 до 2026 година.
– Со лимитите на среден рок се дефинира максималното одржливо ниво на вкупниот јавен долг во однос на БДП и нивото на гарантираниот јавен долг во однос на БДП. Исто така, со цел да се намалат ризичните фактори што влијаат врз портфолиото на вкупниот јавен долг се определуваат среднорочни лимити за валутната и каматната структура на државниот долг. Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок, којшто не треба да надмине ниво од 60 проценти од БДП. Како резултат на економската криза предизвикана со пандемијата на ковид-19, значаен дел од земјите на Европската Унија, како и земјите во регионот беа принудени да ги прошират своите буџетски дефицити со цел се обезбедат средства за справување со пандемијата. Кај повеќето економии, ова резултира со зголемување на нивото на јавен долг за повеќе од 10 проценти поени. Аналогно на тоа, и во текот на 2021 година Република Северна Македонија забележа зголемување на нивото на јавниот долг и го надмина максималниот лимит утврден во оваа стратегија – се посочува во Стратегијата.

Среднорочните проекции во оваа стратегија, прикажуваат дека јавниот долг ќе го надмине максималниот праг од 60 отсто, но очекувањата се со мерките на фискална консолидација во 2025 година, стабилизација, а во 2026 година враќање во пропишаните рамки под 60 проценти од БДП.
– Врз основа на среднорочната буџетска рамка од која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, потребите за отплати на претходни долгови, како и имплементацијата на проектите што се надвор од централната власт, движењето на јавниот долг на среден рок ќе бележи умерен раст до 2024 година како резултат од последиците на кризата, а потоа во периодот по 2025 година преку мерките на фискална консолидација се очекува намалување на нивото на долгот – пишува во Стратегијата.


Проекција на вкупен јавен долг (државен долг и гарантиран долг)

Година                         Процент на јавен долг од БДП
2021                            63,9
2022                            65,9
2023                            65,2
2024                            62,5
2025                            60,1
2026                            57,7

Извор: Министерство за финансии