Искористеноста на оваа услуга во моментов во Македонија не е на многу високо ниво. Во согласност со расположивите податоци од платежната статистика, кои се однесуваат на оваа област, за 2017 година вредноста на трансакциите извршени преку мобилен телефон за кредитен трансфер (вид безготовински платен инструмент) изнесуваа околу 3,7 милијарди денари или 0,2 отсто од вкупната вредност на електронски кредитни трансфери. Во 2016 година ова учество изнесуваше 0,1 отсто
Во многу земји од светот плаќањето преку мобилен телефон е секојдневие веќе десетици години. Според најновите прогнози до 2020 година, во Европа многу бесконтактни трансакции ќе се вршат токму преку паметен телефон. Анализите укажуваат на многу позитивни трендови на поголема употреба на овие плаќања, кои ќе надминат половина од сите електронски трансакции за две години. На Македонците оваа услуга им е овозможена последниве неколку години.
Според Народна банка на Република Македонија, услугите на кредитен трансфер извршен преку мобилни телефони, во Македонија се нудат од 8 обезбедувачи на платежни услуги т.е. од 7 банки и еден посредник за микроплаќање, со користењето на нивните апликации.
– Покрај кредитниот трансфер, преку мобилните телефони може да се вршат и плаќања што се познати како картично базирани плаќања, при што мобилниот телефон е замена за платежната картичка и ова технички-технолошко решение се користи од мал број банки – појаснуваат надлежните од НБРМ.
Оттаму велат дека потенцијалот на овие плаќања е голем, во смисла на пробивот на новите дигитални технологии во доменот на плаќањата, кои заедно со другите видови електронски плаќања, првенствено преку Интернет, придонесуваат кон зголемување на степенот на дигитализација во овој домен.
– Искористеноста на оваа услуга во моментов во Македонија не е на многу високо ниво. Во согласност со расположивите податоци од платежната статистика, кои се однесуваат на оваа област, за 2017 година вредноста на трансакциите извршени преку мобилен телефон за кредитен трансфер (вид безготовински платен инструмент) изнесуваа околу 3,7 милијарди денари или 0,2 отсто од вкупната вредност на електронски кредитни трансфери. Во 2016 година ова учество изнесуваше 0,1 отсто – посочуваат од Народна банка.
Тие додаваат дека во 2017 година износот на картично базирани плаќања што се вршат преку мобилни телефони изнесуваа само 15.424 денари што укажува на тоа дека има голем простор и можност за развивање во иднина.
Од Комерцијална банка велат дека со новата апликација „КомПеј“, која е воведена неодамна, на клиентите им е овозможено да ги дигитализираат своите мастеркард-картички од Комерцијална банка и бесконтактно да плаќаат со нивните паметни телефони на продажни места опремени со ПОС-терминал за бесконтактно плаќање.
– Постапката на наплата е многу едноставна, односно идентична како и при плаќање со бесконтактна картичка. Износот се внесува во ПОС-терминалот и се избира ОК, по што треба само да се приближи телефонот. Единствената разлика е што, дури и за износи над 750 денари, ПОС-терминалот нема да побара внесување на ПИН-код, бидејќи постапката за плаќање со телефон е со највисоко ниво на сигурност. Исклучок може да се јави само кај одредени постари генерации терминали, кои за износи над 750 денари може да побараат ПИН за картичката – велат од Комерцијална.
Оттаму истакнуваат дека овој начин на плаќање е многу брз и најпрактичен начин досега и е неопходна иновација на македонскиот пазар.
За споредба, во Србија дури во втората половина од оваа година ќе се воведе плаќање преку мобилен телефон. Според Народната банка на Србија, овие плаќања имаат потенцијал да ги намалат трошоците на платните трансакции и да овозможат поедноставно електронско плаќање.
– Народната банка на Србија во моментов работи на примена на најсовременото решение – систем за инстант плаќање, кое ќе почне со работа во втората половина оваа година и еден од моделите за имплементирање на ова решение на продажните места е токму употребата на кју-ар код, што е од најголемо значење и за реализација на тој проект – наведуваат од Народната банка на Србија.
Овој начин на плаќање во светот е веќе одамна применет. Кинезите почнаа да користат мобилен паричник заедно со интернет-купувањето пред околу десет години. Денес мобилните телефони се користат за купување храна, плаќање сметки, возење во автобус, купување осигурување и донирање пари за добротворни цели. Во поголемите градови како Пекинг и Шангај, повеќе луѓе користат мобилен паричник отколку вистински, пишува кинеската агенција „Ксинхуа“. Кинеската компанија „Алибаба“, една од најголемите онлајн-продавници во светот, следела 450 милиони кинески потрошувачи и открила дека 71 отсто од нив плаќаат преку мобилни уреди.