Треба да се отвори јавна дебата за делотворноста на дел од мерките кои се преземаат, бидејќи бројот на сега заболени од коронавирусот е ист онаков како и пред воведување и имплементација на самите мерки, порача денеска во своето обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека економската состојба во државата е сè потешка и дека бизнисот трпи големи штети, а, како што рече, владата е без сериозен концепт и стратегија за развој.
– Штетите за два месеца криза сигурно ќе беа помали доколку државата ја дочекаше оваа криза во економски солидна состојба, како што велеа дека блескаме, а во суштина сме се движеле во амбис. Потрошија 120 милиони евра во првите три месеци насочени кон обид за корумпирање на изборите што требаше да се одржат на 12 април – истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Сега откако парите се потрошија, рече Мицкоски, владата моли кредитори да позајми. Според него, денес Македонија доживува втора транзиција.
Во рамките на своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше четири индикатори кои, како што рече, јасно ставаат до знаење дека економијата не само што не блеска, туку економијата се движи директно кон амбис.
Најпрвин ќе го коментирам индустриското производство. Индустриското производство, во март месец 2020 година е за 13,4% помало од истиот месец лани, а за периодот од јануари месец до март месец годинава или првиот квартал од 2020, е за цели 3,7% пониско од истиот период во 2019.
Преработувачката индустрија, пак, којашто е најголем дел од индустриското производство, некаде околу 75%, во месец март годинава бележи пад од цели 14,3 проценти споредено со истиот месец ланската година.
Вториот индикатор вели дека бројот на работниците во индустријата во март е за 4,5% помал од бројот на работниците во март лани, а истиот тој број на работници во периодот јануари и март годинава, во првиот квартал, е за цели 3,6% помал од бројот на работниците во индустријата за истиот период во 2019.
Извозот, којшто е најзначаен за македонската економија и за сите оние компании кои се извозни, во март годинава бележи рекорден пад од 26,6% споредено со истиот месец лани, а во периодот од јануари до март извозот бележи пад од 8% споредено со ланската година.
Четвртиот параметар се даноците коишто УЈП ги собира. Управата за јавни приходи од јануари до месец април 2020 година планирала да собере околу 31 милијарда денари, а реализирани се 24,7 милијарди денари или за 20 проценти помалку од планираното. Зборуваме за даноци што се однесуваат на последниот месец од 2019 година и на првите три месеци од 2020 година. Најтешкото допрва следи, а тоа се месеците април, мај и јуни. Овие даноци што ги прибрала УЈП се за 10 проценти помали за истиот период во 2019“, нагласи партискиот лидер кој посочи дека тоа се четири суштински индикатори кои треба да ја вклучат ламбата, дека нешто не чини во економијата и дека треба да се менува.
Мицкоски порача дека треба да се слуша што говорат искусните, што говорат оние коишто поминале вакви кризи и, како што кажа, успешно се справиле со нив.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потребни се не само мерки туку и цел еден систематски план како да се излезе од кризата.
ВМРО-ДПМНЕ предлагаше многу мерки кои или делумно со големо задоцнување се прифатија или беа целосно примитивно игнорирани. Бидете спокојни, затоа што за брзо ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди сеопфатен план од мерки како да се излезе целосно од кризата и како да се врати македонската економија на победнички патеки, нагласи Мицкоски.