Ќе се стави ли најпосле крај на незаконското богатење? Зошто се конфискува имот со недокажано потекло од над 30 илјади евра, како ќе се докажува потеклото на имотот, кој ќе биде задолжен да ги проверува податоците и изворите на приходи на граѓаните, како ќе се одвива судската постапка? Многу прашања и нејаснотии, особено што и покрај честите медиумски промоции, законот сѐ уште останува недостапен за јавноста
Законот за потекло на имот сѐ уште недостапен за јавноста
Најавата дека ќе се пристапи кон конфискација на имотот на лицата што нема да можат да го докажат неговото потекло предизвика голем интерес во јавноста, но и многу полемики. Зошто и како е одреден лимитот од 30 илјади евра за да се конфискува ако има недокажано потекло, потоа како ќе се докажува потеклото на имотот, кој ќе биде задолжен да ги проверува податоците и изворите на приходи на граѓаните, како ќе се одвива судската постапка? Многу прашања и нејаснотии, особено што и покрај честите медиумски промоции законот сѐ уште останува недостапен за јавноста. Увид во законот сѐ уште не е овозможен, поради што политиколозите го оценуваа како предизборен маркетинг. Во потрагата да обезбедиме повеќе информации за јавноста, „Нова Македонија“ стапи во контакт со претставниците на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), чиј претставник беше дел од работната група што го креира законот.
Постапката за идентификување и утврдување на имотот
од непознато потекло
Претставничката на ДКСК во работната група за подготовка на законот за утврдување на потекло на имот, Ирена Брзанова, се осврна на нацрт-текстот на законот и појасни дека изминатиот период, уште пред да започнат активностите за подготовка на законот, ДКСК укажуваше на потребата од законско решение со кое ќе може да се побара докажување за начинот на стекнување на имот, со кое секој граѓанин ќе треба да докаже од каде му е имотот, врз основа на што го стекнал, дали е наследство, дали го купил или некој му го подарил. Посочи дека имплементацијата на активноста за подготовка на законот е поддржана од консултанти на Советот на Европа, во рамките на Проектот против економски криминал, а финансирањето е во рамките на Хоризонталната програма на Европската Унија и Советот на Европа.
Брзанова појасни дека целта на законот е заштита на јавниот интерес од сите видови стекнување и располагање со имот чие потекло не може да се докаже и заштита на законски стекнатата сопственост. Во законот се уредени начинот и постапката за идентификување и утврдување на имотот од непознато потекло, органите што ќе ги спроведуваат постапките и како со тој имот понатаму ќе се постапува.
– Законот предвидува дека надлежните органи ќе постапуваат кога зголемувањето на имотот, чие потекло не може да се докаже, надминува 30.000 евра, за период од една година, при што се споредуваат законските приходи на лицето и имотот што истото тоа го стекнало во дадениот период. ДКСК е на став дека не треба да има праг за постапување, туку дека треба да се постапува во секој случај кога постои зголемување на имотот над вкупниот износ на законски стекнатите приходи, без оглед на утврдената разлика – укажа Брзанова.
Потеклото на имотот ќе се утврдува пред суд
Во законот, Управата за финансиска полиција е надлежен орган за прибирање податоци и информации за потеклото на имотот, која ќе постапува по добиено известување/иницијатива од секое правно или физичко лице, независно од тоа дали се работи за државен орган, друго правно лице или, пак, физичко лице.
– Ако одредено лице стекнало имот со одредена вредност, но неговите извори на приходи се многу помали од стекнатиот имот, по добиено известување, односно иницијатива, Управата за финансиска полиција пристапува кон прибирање податоци и информации за тој имот. Утврдувањето на потеклото на имотот продолжува пред суд, во граѓанска постапка, со поднесување тужба од страна на државниот правобранител, застапник на државата по закон. Во судската постапка, лицето чиј имот е предмет на постапување треба да докаже на кој начин го стекнало имотот, односно од каде му се средствата за стекнување на истиот тој. На пример, дали покрај платата има други приливи на средства од дополнително вршење дејност, дали можеби се работи за наследство или подарок од друго лице и слично, за што треба да поседува и пред судот да приложи соодветни докази, кои во судската постапка ќе бидат предмет на разгледување. Имотот кај кој ќе се утврди дека не е стекнат на законит начин, односно нема доказ за неговото потекло, со правосилна судска пресуда преминува во сопственост на државата. Исто така, во законот е предвидена обврска сите лица да го пријават имотот кој не е пријавен, односно евидентиран или регистриран во соодветните регистри. Општо земено, текстот на законот има мошне добар концепт, а крајната цел е секој имот за кој нема да се докаже потеклото, да премине во сопственост на државата – посочи Брзанова.
Таа дополни дека позитивниот аспект на овој закон е што со истиот тој се овозможува предмет на постапување да биде и имот од непознато потекло, за кој постои веројатност дека е стекнат со вршење кривично дело, при што настапила застареност за кривично гонење, односно застареност на кривичното дело или кога нема доволно докази за сторено кривично дело, а притоа не постојат докази како имотот што лицето го поседува е стекнат.
– Во јавноста често се користат термините одземање или конфискација на имот, што е несоодветно на оваа постапка, бидејќи овие термини се поими што се користат во кривична постапка каде што се врши конфискација, односно одземање имот и имотна корист стекнати преку утврдено вршење кривично дело од страна на одредено лице. Државната комисија за спречување корупција, чија надлежност меѓу другото е и иницирање законски решенија, има оправдани очекувања дека со донесувањето на овој закон ќе се заштити јавниот интерес од стекнување и располагање со имот чие потекло не може да се докаже – заклучува Брзанова.
Во работната група за подготовка на овој закон, освен ДКСК, преку свои претставници учествуваа: Министерството за правда, кабинетот на заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминалот, судија од основен суд, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство за организиран криминал, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи и Државното правобранителство.
Законот недостапен за јавноста, а со тоа и за експертска критичка опсервација
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев вели дека досегашните најави за законот за потекло на имот изгледаат како пропаганда, бидејќи законот не е достапен за јавноста ниту пак за критички осврт.
– Засега ми личи сѐ на пропаганден предизборен маркетинг. Сѐ уште нема материјал што би подложел на критичка опсервација и кој би ги покажал вистинските намери на предлагачите. Засега е само најава и без да ги видиме конкретните предлози не можеме да коментираме, не е поставен на ЕНЕР, туку испратен до Венецијанската комисија – укажува професорот Калајџиев.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, исто така посочи дека ја нема видено нацрт-верзијата на законот за да може да навлегува во детали и во образложенија на законот, но посочи дека, според неа, прагот од 30 илјади евра е висок и дека треба да биде многу помал.
– Засега сѐ уште не знаеме детали, ќе мора да почекаме да го видиме законот. Наш став е дека прагот за конфискување имот е висок и би требало да биде многу помал. Дополнително би нагласила дека секојпат кога има лимити, има простор и за манипулации – посочи Ивановска.
Борбата со сивата економија и корупцијата приоритет за бизнис-заедницата
Претставниците на бизнис-заедницата исто така остануваат во недоумица со законот што се најавува, потенцираат дека борбата со корупцијата и сивата економија е повеќе од потребна, но сепак, додаваат дека конкретни ставови ќе имаат откако ќе излезе законот. Бизнисмените потенцираат дека и сегашните закони овозможуваат борба со корупцијата и сивата економија, но недостигаат истрајност и спроведување на веќе постојните закони.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, факт е дека Македонија е земја во која сивата економија, корупцијата и избегнувањето на законите се многу присутни и дека донесувањето закон за потекло на имот може да помогне да се намалат овие проблеми, но многу е поважно, како што вели тој, дали ние како држава имаме консензус помеѓу сите граѓани, а особено помеѓу главните политички чинители за ова прашање.
– Кога во минатите неколку години зборував мојот став беше дека Македонија има добар закон за персонален данок на доход – сегашниот Закон за данокот на личен доход, каде што во членовите 76, 77 и 78 е уредено дека ако некое лице поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, органот за јавни приходи донесува решение со кое ќе го задолжи тоа лице со 70 отсто – данок на разликата помеѓу вредноста на имотот и докажаните оданочени средства на тоа лице.
И ден-денес сметам дека овие одредби се сосема доволни да се оданочи имотот за кој граѓанинот нема да докаже дека потекнува од легални извори и е оданочен. Сметам дека 70 отсто данок на вака стекнатиот имот е сосема доволна „казна“ за луѓето што имотот го стекнале на нелегален начин – посочува Димитров.
Притоа, додава тој, треба да се има предвид дека веќе неколку години Управата за јавни приходи има увид во сите сметки на граѓаните во банките, врз база на кој ја составува годишната даночна пријава на граѓаните.
– Исто така, државата има увид преку Катастарот на недвижности за целиот недвижен имот, а преку МВР и на автомобилите на граѓаните. Понатаму, преку Централниот депозитар на хартии од вредност има увид во сопственоста на акциите што ги поседува секој граѓанин. Ова значи дека ако имаше политичка волја и се почитуваа законите во државата само со вкрстување на податоците од УЈП, Катастарот, МВР и Централниот депозитар точно можеше да се утврди кој граѓанин поседува имот што потекнува од неоданочени приходи – потенцира Димитров, додавајќи дека досега имало само некои поединечни случаи за постапување по овие одредби од Законот за данокот на личен доход.
Тој споменува дека како бизнис-заедница отсекогаш истакнувале дека тие не ги штитат бизнисмените што работат на црно и на криминален начин доаѓаат до заработка и дека на крајот тие претставуваат нелегална конкуренција за оние што работат во согласност со законите.
– Во однос на прагот од над 30 илјади евра, износ за докажување на потеклото на имот, сметам дека е потребно да се започне со граѓаните што имаат огромни имоти, како во земјата така и надвор, кој се мери со неколку милиони евра, а потоа да се гонат ситните затајувачи на данок – појаснува Димитров.
Како што вели тој, законот сигурно може да помогне во полнењето на буџетот, но пред да се донесе овој закон, истакнува претседателот, потребно е да се постави прашањето – што ги спречувало институциите да ги почитуваат законите што во оваа област веќе постојат.
Претставниците на Сојузот на стопански комори, во однос на законот за потекло на имот, велат дека во согласност со нивните заложби за креирање подобра бизнис-клима ја поддржуваат борбата со сивата економија.
– Сојузот на стопански комори на Македонија принципиелно се залага за решенија што значат создавање подобро бизнис-окружување и услови во кои ќе има можности за рамноправен натпревар на бизнис-идеи и можности. Во таа насока, поддржуваме концепти што ќе значат намалување на корупцијата, сивата економија и на сето она што е во насока на нарушување на конкуренцијата на недозволен начин. Законското решение со кое се регулира прашањето на докажување на потеклото на имотот сѐ уште не е презентирано пред Сојузот така што не би можеле да дадеме некои попрецизни коментари. Засега само може да кажеме дека очекуваме тоа да биде неселективно и да се заснова на антикорупциски принципи и начела – посочуваат од ССК.
Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска