Со воведувањето на квотите за извоз на македонскиот челик и алуминиум во времетраење од три години од страна на ЕУ, предвидено е со секое нивно надминување да се плаќа царина од 25 проценти. Претходно, овие производи беа извезувани без царина
Квотите за увоз на челик и челични производи во Европската Унија се зголемија од 1 јули за 5 отсто. Ова значи дека овие нови повисоки квоти се однесуваат и на извозот на челик од Македонија. Домашните производители на челични продукти сега би требало да добијат можност за поголем извоз, но упатените велат дека е тешко да се прецизира колкав ќе биде и дали ќе имаат пораст на извозот на количествата, бидејќи зголемената квота од пет проценти не важи само за нашата земја туку за сите земји надвор од Европската Унија.
Имено, ова зголемување било утврдено со заштитните мерки што ги воведе Европската комисија, со кои беше предвидено постепена либерализација на квотите, а тоа значи за сите земји надвор од ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија. Првото зголемување на квотите беше направено пред неколку дена, а второто ќе биде од 1 јули 2020 година.
– Во следниве месеци Европската Унија ќе прави ревизија на потрошените квоти и очекуваме некаде во септември нова одлука за квотите. Со воведувањето на заштитените механизми на ЕУ за челикот, со кои воведоа национални и глобални квоти за челични производи, како што веќе е познато, се погодени голем дел компании во Македонија – вели претседателот на Здружението на металургијата, Митко Кочовски.
Тој појасни дека со воведувањето на квотите сите производи во ЕУ се водат под шифра и за секој од нив се утврдуваат дозволени количества, но истакнува дека со воведувањето на квотите не се знае кој прв ќе успее да ја испорача дозволената квота и кога таа ќе биде пополнета.
– Секое ограничување на количествата е пречка за нормално работење. Не знаеме кога и колкаво количество ќе понуди конкуренцијата. Голема пречка за работата на компаниите од овој сектор е што ЕУ ги утврди квотите на просек од три години (2015, 2016 и 2017), кои важеа за лоши години. Токму кога заживеа работата, во 2018-та се зголеми обемот на работа, таа година не влезе во просекот, а веќе оваа година ни беа воведени квоти, поради кои се ограничи извозот и некои фирми беа принудени да го намалат производството – објаснува Кочовски.
Со воведувањето на квотите за извоз на македонскиот челик и алуминиум во времетраење од три години од страна на ЕУ, предвидено е со секое нивно надминување да се плаќа царина од 25 проценти. Досега овие производи беа извезувани без царина.
Европската Унија е носечко одредиште за македонските извозни капацитети од областа на челичната индустрија кон кое се насочени над 60 отсто од вкупното производство.
Над 400 илјади тони вкупен извоз, топловалани и ладновалани лимови, бетонско железо и цевки се извезуваат во ЕУ, но експертите укажуваат дека особено проблематично е што нема други алтернативни пазари што би претставувале излезно решение во оваа ситуација.
– Новите квоти што важат од 1 јули годинава до крајот на јуни 2020 година ќе значат дека сега, во следниве неколку месеци, извозниците ќе можат да работат нормално, барем додека се пополнат квотите и додека не се блокира целосно извозот. Производителите на цевки, како ИГМ, ФЗЦ-Куманово и „Металпромет“-Струмица ги пополнија квотите уште два месеца пред истекот на рокот оваа година. Додека, пак, извозниците на дебели лимови извезуваа нормално, но производството беше намалено. Нашите надежи се во новите одлуки на надлежните во ЕУ и на ревизијата на дозволените квоти – истакна Кочовски.
Со воведувањето на заштитните мерки за увоз во ЕУ се опфатени сите челични производи, цевки, профили, ладно и топловалани лимови… Поради ова, претставниците на индустријата посочија дека очекуваат загубите да бидат големи и побараа поддршка од Владата, за да се намали ударот од европските мерки. Според инволвираните, компаниите од челичната индустрија немаат голем избор и се принудени да ги намалат своите производствени планови, бидејќи квотите се ограничени, а немаат други пазари каде што би извезувале освен во ЕУ. Анализата на здружението на металургијата покажала дека нема компанија од секторот што не е погодена од мерките.