Според извештајот на Светска банка, економскиот раст на Македонија во 2018 година беше понизок во споредба со соседните држави, околу 25 отсто од населението и понатаму живее во сиромаштија, а само 50 отсто од работоспособното население е вработено. Македонија заостанува зад другите држави во поглед на управувањето, политичка стабилност, гласноста, отчетноста, владеењето на правото и контролата на корупцијата. Според истиот извештај, извозно-ориентираните сектори не создадоа многу врски со домашните фирми, а извозот на услугите е само 25 отсто од вкупниот извоз. Ниската стапка на вработеност од 49 отсто е резултат на високата невработеност и ниското учество во работната сила. Над 80 отсто од невработените бараат работа повеќе од една година, а околу 70 отсто немаат никакво претходно работно искуство.
Светска банка врз основа на своите истражувања истакнува дека Македонија може да очекува до 2041 година, значителен напредок во надминувањето на разликите во животниот стандард со државите на Европската унија. Меѓутоа, за да се постигнат овие цели, мора да се преиспита сегашниот развоен пристап, кој остварува скромни резултати во поглед на растот на БДП, намалувањето на сиромаштијата и консолидирањето на средната класа.
Во 1995 година, економијата на Македонија имаше речиси ист обем како и економијата на Летонија, меѓутоа во 2017 година БДП по глава на жител во Летонија беше околу двапати поголем. Во Македонија од 2000 година, годишниот раст на БДП во просек изнесуваше 2,8 отсто, а со оваа стапка дете родено во Македонија денес, ќе наполни 75 години додека државата да конвергира со доходното ниво на ЕУ. Светска банка сепак забележува дека доколку годишниот раст забрза и достигне пет отсто, Македонија би можела да конвергира со ЕУ додека детето да наполни 30 години.