Генерално, како и минатите годините, Грција, со Халкидики и со Јонско Море, е омилена и најбарана дестинација, но голема заинтересираност има и за Египет и Турција. Редовно се распродаваат и понудите за Хрватска и за Црна Гора, посочуваат од туристичките агенции

Грција и понатаму останува омилена дестинација за македонските туристи. За туристичките места кај нашиот јужен сосед се интересираат и резервираат најголем дел од лицата што ќе заминат на одмор, но меѓу побараните дестинации се и Египет, Турција, Хрватска, Црна Гора… Ова се главните заклучоци на туристичките агенции, кои посочуваат дека последниве неколку години на летен одмор се патува уште од јуни, па до крајот на септември.

– Начелно, секоја година резервации за летен одмор се прават порано од вообичаено. За оваа летна сезона уште во декември имавме објавено аранжмани за летните дестинации заедно со попуст за рани резервации и голем дел од нив рано беа распродадени. Целта, секако, ни беше да се анимираат граѓаните порано да резервираат, што во голема мера и се реализира. Генерално, како и минатите години, Грција е омилена и најбарана дестинација, но голема заинтересираност има и за Египет и Турција, кои се исто така многу атрактивни, особено што кај нив вообичаено се нудат пакетите „сѐ вклучено“ и тие се доста примамливи за сите генерации, а особено за брачни двојки со деца – вели Ана Крстевска-Каламадевска од туристичката агенција „Савана“ и појаснува дека заинтересираноста е голема и поради фактот дека таму се сместуваат во големи комплекси, каде што добиваат комплетна услуга.
Меѓу другите дестинации за кои има континуирана заинтересираност се и понудите за Хрватска и за Црна Гора. Таа појаснува дека во последните години летната сезона е многу подолга, односно дека заинтересираност за летен одмор има уште од јуни, па до крајот на септември.

– Поради константниот интерес од граѓаните за вонсезонски тури цените за нив во последниве години се зголемени и тие сега се многу поблиску до сезонските тури, но не се изедначени. Толку интензивно се патува од нашата земја во Грција, што голем дел граѓани веќе ги знаат летните дестинации, поради што честопати бараат нешто ново, па за секоја нова понуда веднаш имаме голема заинтересираност. Халкидики останува најбарана дестинација поради близината, но и јонското крајбрежје во последниве години е хит – појаснува Крстевска-Каламадевска, додавајќи дека расте и заинтересираноста на граѓаните за подалечни патувања, но и за индивидуални патувања, па за клиентите што сакаат да експериментираат и бараат нови дестинации организираат индивидуални тури.

Професорот од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Стојан Велковски, вели дека со развојот на технологијата и подемот на интернетот значително се менуваат и навиките на граѓаните поради поголемата информираност и полесната можност за резервации на различни дестинации. Тој истакнува дека, благодарение на достапноста на информации, граѓаните сѐ почесто се одлучуваат за нови и различни дестинации, па многумина и сами си го организираат патувањето.

– Во последниве години голем дел граѓани одлучуваат сами да си го организираат патувањето и да ја одберат дестинацијата за годишен летен одмор. Поради ова за нас е многу важно да сме присутни на интернет-порталите за промоција и презентации, на тој начин и странските туристи што сами си го организираат патувањето ќе имаат повеќе информации за Македонија и ќе пронајдат начин да резервираат во нашите сместувачки капацитети. Би напоменал дека е многу важно да се привлекуваат и домашните туристи, што повеќе домашни жители да посетуваат различни дестинации низ земјата, бидејќи и на тој начин се развива туризмот – појаснува Велковски.

Граѓаните, пак, посочуваат дека близината на грчките плажи, како и можноста преку интернет да се прават резервации, уште повеќе придонесува токму јужниот сосед да биде прв избор при одредување на дестинацијата за летен одмор.
– Последниве години најчесто одлучуваме да патуваме за Грција пред сѐ поради близината и подобрите патишта. Од Скопје до некоја од плажите на Халкидики се стигнува за четири часа, додека во другите земји, како Бугарија, Црна Гора или Хрватска, се потребни најмалку шест часа, во зависност од локацијата и чекањето на граници. Порано почесто патувавме и на други дестинации, но последниве години поради децата се одлучуваме за Грција најмногу поради близината – вели скопјанката Тамара Додевска.

Таа истакна дека во последниве години патувањата ги организираат сами, преку „Букинг“, наместо како порано преку домашни туристички агенции.
– Понудите на домашните агенции се слични и изборот на сместување не одговара на нашите потреби. Па, поради децата сами бараме сместување што ќе биде блиску до плажа, но и ќе има анимација за нив – појаснува Додевска.

[email protected]