Синдикатите сметаат дека зголемувањето на минималната плата е неопходно, додека бизнис-заедницата вели дека покачувањето треба да се базира на зголемена продуктивност, а не на владин декрет што е против сите пазарни и бизнис-логики
СИНДИКАТОТ И СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ СО СПРОТИВСТАВЕНИ ГЛЕДИШТА ОКОЛУ ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА И НЕРАБОТНАТА НЕДЕЛА
Зголемување на минималната плата по Нова година и законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден повторно ја брануваат јавноста. Синдикатите и работодавците се со спротивставени ставови за потребата и можностите за зголемување на минималецот. Синдикатите сметаат дека зголемувањето на минималната плата е неопходно, но и дека потоа треба да следува спирално зголемување и на другите плати. Нивниот став е дека минималната плата треба да изнесува најмалку 60 отсто од просечната плата. Работодавачите, пак, велат дека секое вештачко неусогласено зголемување, како најавеното, само ќе ја наруши рамнотежата во стопанството и економијата. Но дали има реални можности компаниите да исплаќаат повисоки минимални плати и дали тоа би се одразило на вработените? Какви се размислувањата и последиците и за прогласување на недела како неработен ден, дали станува збор за комплексен процес?
Според претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, поради економската криза предизвикана од пандемијата и најавената енергетска криза, каде што РКЕ кажува дека од 1 јануари ќе се зголеми цената на струјата за минимум 20 отсто, минималната плата треба да изнесува 60 отсто од просечната плата или 18 илјади денари, а сите други плати да растат скалесто во согласност со колективните договори.
– Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира, односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните – вели Димовски.
Стопанската комора на Северна Македонија е против зголемувањето на минималната плата од страна на Владата, но и против тоа недела да биде неработен ден со закон.
– Минималецот може да биде и 30.000 денари ако се базира на зголемена продуктивност, а не на владин декрет што е против сите пазарни и бизнис-логики. Истото тоа важи и за недела неработен ден. Ако сѐ биде по закон со платени дневници, прекувремено зошто кој сака да не работи. Треба ли Охрид како туристички центар да се затвори за викенд? – истакнува претседателот на комората, Бранко Азески.
Од комората велат дека деловните субјекти ги поддржуваат заложбите за зачувување на семејниот живот на вработените, бидејќи само задоволен работник може да биде продуктивен, но укажуваат дека рамнотежата меѓу приватниот и деловниот живот на работниците треба да се почитува и да се унапредува и во однос на остварувањето на сите други права од работниот однос, а не само преку користење на неделата како ден за неделен одмор.
– Компаниите укажуваат дека ограничувањето на можноста за работа во недела или наметнувањето дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е редовен работен процес ќе влијаат врз продуктивноста и врз конкурентноста на регионалните, но и на глобалниот пазар. Истовремено, може да биде доведена во прашање атрактивноста на државата како дестинација за странски инвестиции – посочуваат од СКСМ.
Оттаму истакнуваат и дека во многу сектори природата на дејноста не дозволува прекинување на работните процеси (индустријата, производствен сектор), па потребни се дежурни служби, но и непречено работење на придружните дејности што се тесно поврзани со работењето на другите сектори (дистрибуција, достава, јавен превоз и превоз за сопствени потреби).
– Доколку се размислува за посебни ограничувања во трговијата или во угостителството, треба да се има предвид како би се одразило тоа врз туризмот и какви би биле ефектите врз локалната економија на населените места во пограничните региони, на пример Битола, Гевгелија или Скопје (каде што граѓани од соседните држави патуваат за време на викенд во трговски и во угостителски локали во Македонија). Треба да се проценат можните загуби од директните приливи што овие лица ги оставаат во локалната економија – можност за загуба на „увоз на девизи“, како и ефектите од потенцијалните ограничувања што може да се одразат врз патувањето на наши државјани во соседните држави во недела заради посета на трговски или на угостителски локали што работат во недела – можност за „извоз на девизи“ – дополнуваат од СКСМ.
Во однос на зголемувањето на минималната плата, од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ посочуваат дека ја поддржуваат идејата за раст на минималната плата за подобрување на животниот стандард на работниците, но исто така дополнуваат дека растот мора да ја следи продуктивноста.
– „Фајненс тинк“ ја следи оваа тема подолг временски период и нашиот став не е сменет – минималната плата треба да расте за да го поддржува животниот стандард на работниците, меѓутоа мора да ја следи продуктивноста. Важен елемент е што за минималната плата треба да се одлучува во рамките на социјалниот дијалог во кој ќе разговараат и ќе се договорат клучните чинители, синдикатите и организациите на работодавачите, заедно со Владата. Сѐ што е надвор од тој формат, посебно лицитирање со износи, е само одраз на нереални желби и ја банализира економската дебата – укажува Благица Петрески, директорката на „Фајненс тинк“.
Таа вели дека нагло зголемување на минималната плата на 18.000 денари, секако, е голем залак, не само затоа што продуктивноста на трудот не пораснала за 20 отсто колку што изнесува тоа зголемување туку затоа што фирмите се соочуваат со два големи извори на нестабилност: неизвесностите сврзани со пандемијата и експоненцијално растечката цена на енергентите.
Ангел Димитров, бизнисмен и претседател на собранието на Организацијата за работодавачи, вели дека покачувањето на 18 илјади денари ќе значи дека минималната плата ќе биде над 60 отсто од просечната плата, што поради зголемување на трошоците може да доведе до намалување на работните места.
– Наедно може да доведе и до една огромна урамниловка (изедначување), значи голем процент од вработените во Македонија ќе земаат минимална плата што ќе ги демотивира добрите работници, кои ќе нема логика зошто да работат кога ќе примаат иста плата – посочува Димитров.
Тој вели дека Меѓународната организација за труд во една анализа за минималната плата во земјава ѝ укажала на Владата дека минималната плата не смее да оди над 14 илјади денари, а веќе во земјава минималецот е над 15 илјади денари.
– Мислам дека со овие услови што ги имаме во Македонија, со оваа висина на минимална плата, доволно е само секоја година да ја усогласуваме со порастот на овие три компоненти – една третина од порастот на просечната плата, третина од порастот на БДП и една третина од порастот на трошоците за живот или инфлацијата, со тоа ќе добиеме да се избегне инфлацијата да не ја намалува реално минималната плата, додека за поголемо покачување јас сум сигурен дека ќе донесе повеќе негативни последици отколку подобри услови на работниците – вели Димитров.