АНАЛИЗА НА ФИТР
Домашните компании се подготвени да започнат со инвестиции за време на актуелната криза бидејќи вакво приспособување им е неопходно за закрепнување и понатамошно функционирање, покажува анкетата што ја спроведе Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во периодот од 24 јули до 19 август.
Над 50 проценти, од вкупно анкетираните 256 компании, сметаат дека моментот за вложување е соодветен, додека само 13 проценти одговориле дека сѐ уште е рано да се влезе во нов инвестициски циклус.
Во однос на износот на финансиска поддршка од државата, 40 проценти од компаниите сметаат дека е доволна за инвестиции во фазата на закрепнување што е особено изразено кај средните (73 проценти) и малите претпријатија (68 проценти), како и дека процентот на кофинансирање е соодветен на што потврдно одговориле 58 проценти, додека 29 проценти од компаниите сметаат дека износот треба да се зголеми.
Анкетата покажа и дека 74 проценти од компаниите што биле анкетирани не користат друг вид државна помош, а само 26 проценти користат, и тоа во најголем дел субвенции за минимална плата, 16 проценти користат бескаматен кредит, а само девет проценти, односно пет компании, се корисници на средства на ФИТР.
Голем дел, односно 44 проценти, сметаат дека процесот на аплицирање е јасен и едноставен, а осум проценти се соочиле со суштински проблеми при пополнување на формуларот. За 40 проценти од компаниите критериумите за евалуација се соодветни, додека 25 проценти сметаат дека со нив се фаворизираат одредени индустрии.
Една од сугестиите што ги дадоа компаниите е ФИТР сам да ја обезбедува документацијата од државните институции и да се обезбедат онлајн обуки и туторијали за аплицирање.
За реализација на втор и следни циклуси на јавни повици за економско заздравување, фондот иницира дополнителни средства од Владата, на веќе обезбедените 200 милиони денари, од кои поголем дел ќе бидат искористени уште со првиот циклус.
Програмата за економско заздравување е дел од третиот пакет економски мерки на Владата и е наменет за поддршка на микро, мали и средни компании. Е.Р.