Фото: Игор Бансколиев

Експертите укажуваат дека полнењето на пензискиот фонд со придонесите од пријавените работници е доста комплексно прашање, на кое треба да се посветува сериозно внимание, и секоја мерка што се презема треба да се презентира и да се образложи, во насока на подобрување на состојбите во фондот и намалување на потребата за дополнителен трансфер од буџетот

ПО ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ТРАНСФЕРИТЕ ОД ЦЕНТРАЛНИОТ БУЏЕТ ВО ПИОМ

Бројот на осигуреници во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во текот на минатата година благо се намалил, што, според надлежните, е резултат на пандемијата. Намалувањето на бројот на осигурени работници придонесува да се намали соодносот меѓу осигурениците и пензионерите, бидејќи бројот на корисници на пензии е во нагорна линија. Податоците објавени од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека бројот на осигуреници од 581.405 во 2019 година се намалил на 571.863 во 2020 година. Бројките покажуваат дека во текот на минатата година се намалил и бројот на вработените за 9.542, во споредба со претходната 2019 година. Истовремено, бројот на пензионери на крајот на 2019 година изнесувал 322.704, а на крајот на 2020 г. се зголемил на 325.125 корисници на пензија.

Секое намалување на бројот на вработените е удар за фондот

Дали оваа промена кај осигурениците и пензионерите може негативно да се одрази врз пензискиот фонд, за кој и досега од државниот буџет се одлеваат високи суми, и какви мерки ќе бидат потребни за негово стабилизирање во иднина разговаравме со дел од македонските економски експерти. Тие укажуваат дека оваа промена засега е блага и не би требало драстично да го погоди фондот, но додаваат дека институциите мора внимателно да ги следат промените и во случај истото тоа да продолжи, да се бараат мерки што ќе помогнат во подобрување на приливите во фондот.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини посочува дека во Македонија имало различни ситуации, периоди кога соодносот на вработени наспрема пензионери бил двајца вработени на еден пензионер. Но поради транзицијата и големиот раст на пензионерите, со текот на годините овој соодносот се намалил, вели Хајредини и додава дека тоа негативно се одразува врз пензискиот фонд.
– Сме имале периоди кога имаше незначителни префрлања од буџетот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но со намалувањето на пријавените работници, таа сума постојано растеше и сѐ повеќе пари се префрлаа за социјални трансфери, дури таа сума одредени години е поголема и од сумата одвоена за капитални инвестиции. Секое намалување на бројот на вработените граѓани е удар за пензискиот фонд, па државата нема друг избор и мора да префрла дополнителни средства од буџетот во фондот за да се исплатат пензиите. Полнењето на пензискиот фонд со придонесите од пријавените работници е доста комплексно прашање, на кое треба да се посветува сериозно внимание, и секоја мерка што се презема треба да се презентира во јавноста и да се образложи, секако во насока на подобрување на состојбите во фондот и намалување на потребата за дополнителен трансфер од буџетот – објаснува Хајредини.

Имало и полоши времиња

Некои од експертите потсетуваат дека имало и полоши времиња.
– И покрај тоа што поради рецесијата дојде до мало влошување на соодносот на вработени во однос на пензионери, тоа сепак не претставува сериозен удар за пензискиот систем. Бројот на вработени на еден корисник на пензија во 2020 беше 1,8 и е доста подобро од нивото на 1,3 што беше во раните 2000-ти. Кога се зборува за финансирање на Фондот за пензиско осигурување од централниот буџет, намерно или ненамерно се заборава дека е извршена пензиска реформа со која се премина од едностолбен на тристолбен пензиски систем. Во такви околности, сосема нормално и очекувано е да има високи приливи од централниот буџет во Фондот за пензиско осигурување. За подобрување на кондицијата на пензискиот систем, јасно е дека е потребно зголемување на бројот на вработени и сузбивање на случаите на работа на црно или на полуцрно. Што се однесува до ризиците по стабилноста на пензискиот систем, огромната задолженост на државата што настана минатата година за неколку години ќе предизвика силен стрес врз сите социјални програми, вклучувајќи и врз пензискиот систем, бидејќи враќањето на долговите и каматите кон глобалните центри на финансиска моќ ќе ги направи оскудни буџетските средства за сервисирање на социјалните функции на државата – вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

Меѓународни институции постојано укажуваат за
растечката зависност на фондот од државниот буџет

Податоците на Фондот за пензиско осигурување покажуваат дека учеството на расходите за пензиско и инвалидско осигурување во 2020 година во однос на БДП изнесува 11,6 проценти. Годината претходно тој однос бил 10,5 отсто, додека, пак, во 2018 10,4 проценти.
Во годинашниот извештај за работата на пензискиот фонд е посочено дека усогласувањето на пензиите минатата година изнесувале 1,1 отсто и просечната старосна пензија пораснала од 15.849 на 16.703 денари. Исто така е наведено дека недостигот од средства во фондот е пополнет со средства од државниот буџет во висина од 38,43 проценти, или државата дала речиси 30 милијарди денари. На зголемувањето на зависноста на фондот од буџетот низ годините укажуваа и меѓународните институции, кои во неколку наврати сугерираа на потребата од зголемување на старосната граница за пензионирање, но и за зголемување на пензискиот придонес, за да може да се амортизира дупката и да се зголемат изворните приходи на фондот.

Охрабруваат ли најновите податоци?

Директорката на ПИОМ, Билјана Јовановска, посочува дека и покрај влошената економска состојба, во согласност со планираните и податоците што ги имаат за 2020 и за првите месеци од оваа година, бројот на осигуреници и буџетските средства како наплата на придонес по основа на пензиско и инвалидско осигурување се во нагорна линија.
– Во 2020 година во одредени дејности има отпуштања, но има дејности што имаат потреба од вработувања, па знаете како е тоа на пазарот на трудот, некој баланс се постигнува. Одредени дејности имаа проблем, се затвораат, го намалуваат бројот на вработени, но имаше дејности што ја зголемија потребата од вработување нови луѓе, го зголемија и својот профит, обемот на работење, бидејќи некои дејности го бараат тоа, меѓутоа некои се адаптираат и се приспособија, односно ја сменија својата основна дејност. Овој период, според податоците на фондот, бројот на осигуреници е зголемен во споредба со истиот период 2020, исто така и приходот по основа на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е зголемен за некаде 6,5 проценти во првите пет месеци од 2021 во споредба со истиот период 2020 – посочува Јовановска.


Број на корисници на пензија и број на осигуреници

Година                     Број на осигуреници                 Број на корисницина пензија
2016                          570.168                                        305.766
2017                          575.574                                        310.744
2018                          578.023                                        315.780
2019                          581.405                                        322.704
2020                          571.863                                        325.125

Извор: Фонд за пензиско и инвалидско осигурување