Туризмот има потенцијал да ги повлече и другите гранки, како сообраќајот и земјоделството, со што ќе се придвижи целото стопанство. Но потребна е навремена промоција во земјите од кои традиционално имаме туристи и кои најлесно ќе ги убедиме да ги обноват програмите, а државата да ги скрати административните бариери
По слабата искористеност на ваучерите за домашен туризам, инволвираните укажуваат дека сите чинители во туристичката дејност би требало со заеднички сили да дејствуваат во насока на привлекување туристи во постковид-периодот. Сметаат дека следниов период треба да се искористи за позиционирање на странските пазари, преку промотивни пакети, а од пролет да почнат да се враќаат туристите.
Заменик-претседателот на Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора на Македонија, Асим Меџедовиќ, вели дека за спас на туристичкиот сектор во следниот период ќе бидат потребни безусловно и брзо дејствување на институциите за превенција на последиците и штетите од пандемијата, промоција на туристичката понуда и отстранување на административните бариери.
– Неопходно е сериозно и систематско инвестирање во туризмот од сите чинители. Моделот на поддршка на странски туроператори да се промени, да се зголеми финансиската поддршка, но да се намалат административните бариери.
Предлагаме поголема поддршка за чартер-линиите, бидејќи со воспоставување редовни линии, редовно ќе има туристи и тие ќе имаат потреба и од други услуги, како изнајмување автомобили или поголем број автобуски линии. Со заедничко инвестирање на државата и на фирмите, можеме да очекуваме резултати идната година. Туризмот има потенцијал да ги повлече и другите гранки, како сообраќајот и земјоделството, со што ќе се придвижи целото стопанство. Но потребна е навремена промоција во земјите од кои традиционално имаме туристи и кои најлесно ќе ги убедиме да ги обноват програмите, а државата да ги скрати административните бариери. Некои земји, како Словенија, веќе почнаа со промоција на своите туристички потенцијали. Сметаме дека не треба да го пропуштиме моментот да се позиционираме, многу од дестинациите веќе бараат замена, ќе сакаат да летаат пократко, не повеќе од два до три часа, што ни дава шанса да се позиционираме како дестинација. Мора сериозно да пристапиме кон промоција, да се поставиме на пазарот што е можно побрзо. Тоа ќе биде клучно за 2021 година – истакна Меџедовиќ.
Тој исто така посочува дека, во меѓувреме, и бесплатните ковид-тестови за странски државјани што треба да го продолжат престојот во земјава ќе бидат од голема помош.
– Во отсуство и неможност за користење вообичаени маркетинг-активности, бесплатните тестови треба да послужат како промоција, поттик и олеснување на деловни или туристички посети. Наедно ќе помогнат за поголема контрола и увид во ширењето на вирусот. Со нив ќе му се помогне на секторот долгорочно да ја адаптира понудата во услови на пандемија и да ја зголеми економската активност – објаснува Меџедовиќ.
Од Министерство за економија велат дека средствата од ваучерите што нема да се искористат ќе се пренасочат повторно за туристичко-угостителскиот сектор.
– Ваучерите за туризам ќе може да се искористат до 15 декември 2020 година, а средствата од неискористените ваучери ќе се вратат во буџетот и ќе бидат искористени за други мерки за туристичко-угостителскиот сектор. Според нашите анализи, најголема пречка за неискористени ваучери е пандемијата на ковид-19. Очекуваме до крајот на годината оние што уште ги немаат искористено ваучерите да го направат тоа – објаснуваат од Министерството.
Досега од 110 илјади ваучери за домашни туристи, само 43 илјади биле искористени. Ова значи дека остануваат 67 илјади неискористени ваучери. Во изминатиов период чести беа огласите на социјалните мрежи за продажба на ваучерите по слична или пониска сума од вредноста на ваучерот.
Што се однесува до странските туристи, Дончо Нацев, сопственик на една од туристичките агенции, вели дека обемот на работа е драстично опаднат и дека странски туристи речиси нема.
– Сега се прават планови за 2022 година. Еве, таков беше случајот со последниот онлајн саем во Лондон. На почетокот на пандемијата предложив на сите компании во секторот да им биде овозможен грант или револвинг-средства, како сите европски земји, и тоа во висина од 30 отсто од обртот на средства во компанијата од март 2019 до јануари 2020 година, за да може да работат. Сега планираните грантови може ќе помогнат, но за поголемите компании тоа се мали суми.
Има голем број компании чии месечни кредитни рати се многу високи, но тие биле неопходни за обнова на возен парк и за привлекување странски туристи. Јасно ми е дека се толкави можностите, но сметам дека можеше подобро да се насочат и постават мерките за помош – истакнува Нацев.
Наедно, тој додава дека е време да му се посвети вистинско внимание на овој сектор со формирање министерство за туризам, кое ќе може соодветно да одговори на потребите.