Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај огромниот број вработени во двете компании на МЖ, кој се задолжени за одржување, развој и транспорт на стока и патници по македонските пруги, граѓаните и компаниите сеуште се далеку од задоволни од услугите што ги добиваат. Првиот човек на ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, Ирфан Асани, објаснува зошто ситуацијата е таква и зошто е потребен поголем ангажман од државата, но и либерализација на пазарот

Во двете јавни претпријатија задолжени за одржување, развој и транспорт на стока и патници по македонските пруги, „МЖ-транспорт“ и „МЖ-инфраструктура“, се вработени 2.600 лица. Освен тоа, во управните и во надзорните одбори заедно со менаџерските тимови на компаниите се ангажирани 27 лица. Сепак, и покрај обемниот број вработени во двете компании, поплаките на граѓаните и на компаниите околу услугите што ги добиваат од нив не стивнуваат. Во Македонија има околу илјада километри пруга и ја има до четири поголеми градови, кон Гевгелија, Кичево, Кочани и Битола. Пругите надвор од земјава се поврзуваат само со Србија, преку Куманово, и со Грција, преку Гевгелија. Иако од осамостојувањето на државата постојано се прават планови за проширување на мрежата, сепак, Коридорот 8 сѐ уште не е комплетиран.

Упатените велат дека без интерес од државата нема ширење на постојната мрежа. Првиот човек на ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, Ирфан Асани, истакна дека е неопходен интерес од креаторите на домашната политика за комплетирање на железничката пруга по должината на Коридорот 8.

– За железница треба да се одвојуваат 0,6 отсто од даночните приходи, што би значело 7-8 милиони евра, но веќе седум години ние добиваме само 3 милиони евра од државата. Од тие средства најмалку 1 милион се трошат за струја, која ја купуваме на отворен пазар. Потоа, транспортот за вработените нѐ чини околу 300-400 илјади евра, плус одржување на возниот парк, а каде се платите. Нема друг оператор од каде што би имале прилив. Доколку државата е заинтересирана за железницата тогаш најмалку што може да направи е да ни ги даде парите предвидени со законот – појаснува Асани.
Како што посочивме, во земјава со возови, граѓаните можат да се превезуваат само до неколку града, а најголем интерес и најмногу линии има до Велес. Додека, пак, за превоз на стока најкористена е пругата кон Гевгелија, поточно кон Солунското пристаниште.

– Редовен превоз на патници од наша страна се обезбедува кон сите поголеми градови во Република Македонија, кои се поврзани со железничка пруга. Конкретно, за Битола преку Велес и Прилеп четири пара возови, за Кочани преку Велес и Штип, еден пар возови, за Гевгелија преку Велес, Градско, Неготино и Демир Капија два пара возови и во летниот период уште еден меѓународен експрес. За Кичево преку Тетово и Гостивар еден пар возови, за Табановце преку Куманово четири пара возови, за Велес покрај возовите што минуваат низ Велес, а патуваат за други дестинации имаме уште четири пара возови и за Приштина еден пар возови – истакнуваат од „МЖ-транспорт“.

Иако беше во план либерализација на железничкиот превоз, процесот беше стопиран до влезот на Македонија во Европската Унија, за заштита на домашните компании.
– Либерализацијата се применува низ Европа, и како успешен пример, би требало и ние да го спроведеме. Државата има инфраструктура, која треба да ја искористи, па логично е да се вклучат заинтересирани оператори. Нашите можности за транспорт на луѓе и стока се 25-30 отсто поголеми отколку што е искористеноста на пругите – посочува Асани.

Директорот додаде дека бидејќи пазарот е затворен, нема конкуренција и нема мотив за работа, поради што вели постојано предлагаат да се либерализира пазарот, но нема повратен позитивен одговор.

– Истражувањата покажуваат дека доколку се овозможи конкурентност на пазарот, тоа ќе биде мотив компаниите да работат поодговорно и да се борат за повеќе клиенти и за поголема заработка. Во спротивно, кога се остава монополска позиција, нема напредок. Дополнително, со стопирањето на либерализацијата ги кршиме европските директиви – заклучува Асани.

Директорот се наврати на напукнатите столбови на железничкиот мост на Црна Река, појаснувајќи дека го санирале во најкраток можен рок, додавајќи дека е неопходно да се изгради нов мост.

– Успеавме за кратко време да влеземе во реката и да ги санираме штетите, да го вратиме во првобитна состојба и да може тој да функционира. Мостот е сигурен засега и ќе биде во функција без проблеми, но сметам дека за доброто на железницата и на државата е неопходно да се изгради нов мост. Овој мост е изграден 1970 година. Испитувањата покажуваат дека обновениот мост може да издржи десет па и дваесет години, но во координација со Владата и со други институции ќе бараме изградба на нов мост – додава Асани.

Од „МЖ-транспорт“ потврдија дека целокупниот железнички сообраќај, и патнички и товарен, повторно е воспоставен, и сите линии, поточно два пара патнички возови кон и од Гевгелија редовно сообраќаат. Наедно и товарниот сообраќај кон Грција се одвива нормално и без никакви рестрикции, но „МЖ-транспорт“ посочува дека загубите што беа настанати поради прекинот нема да можат да ги надоместат.
Поради прекинот на железничкиот превоз кон Гевгелија и Грција од „МЖ-транспорт“ посочија дека претрпеле директна материјална штета над 84 милиони денари.


Незавршениот Коридор 8

Во тек е изградба на првата фаза од пругата по должината на Коридорот осум кон Бугарија, на делницата Куманово – Бељаковце.
– За градба на пруга се потребни многу студии и проекти, кои одземаат многу време. Пред 2,5 години имавме повик за изградба на втората фаза од пругата, и имавме листа на компании, кои би ги викале на разговори за изградбата, но почнаа политичките проблеми и целиот процес застана – објаснува директорот на „МЖ-инфраструктура“, Ирфан Асани, додавајќи дека постапката мора да ја почнат одново, што значело и 2-3 години залудна работа.
Изградбата на првата фаза од пругата, од Куманово до Бељаковце, е во тек, но роковите се пробиени поради нерасчистени имотноправни проблеми, проблеми со археолошки наоѓалишта со посебен интерес, проблеми со одобренијата за градба, конфискување опрема, пронајдена муниција од двете светски војни… Очекувањата се до крајот на следната година првата фаза од пругата да биде завршена, а дотогаш да биде избрана и фирма за градба на втората фаза.
Комплетирањето на Коридорот 8 без финиширање на пругата кон Албанија ќе биде невозможно, но изградбата на оваа делница е само на ниво на основен проект. Допрва треба да се решава експропријацијата и да се објави повик за градба, па да се следат другите процедури. Кон Албанија треба да се изградат 70 километри пруга.


Синдикатите известуваат: Штрајк во подготовка

Независниот синдикат на машиновозачите и железничарите на Македонија, Синдикалната организација на вработените на подружница влеча на возови, Синдикалната организација СММ и Синдикалната организација на „МЖ-транспорт“ АД Скопје се приклучуваат кон најавата за прекин на работните обврски доколку не се исполнат барањата за исплата на плата, материјални трошоци и здравствено осигурување. Во овие синдикални организации членуваат 90 отсто од вработените во „МЖ-транспорт“. Прекин на работните обврски најавија и членовите на Независниот машински и извршен персонал.
Вработените бараат до четврток да биде исплатена платата и материјалните трошоци за октомври, доколку не се исполни барањето од петок наутро нема да ги извршуваат работните обврски.
Претседателот на Независниот синдикат и извршен персонал Душко Чакаровски изјави дека бараат да се деблокира сметката, која според нивни информации е блокирана од почетокот на месецов поради долг од 60 милиони денари за неплатена сметка за електрична енергија кон фирма од Бугарија.
– Сметката на нашата фирма е блокирана од втори ноември од бугарска човек фирма со име РИСИВАР за неплатена електрична енергија во висина од 60 милиони денари и тоа во време кога фирмата работеше најпрофитабилно. Од 2016 година и не можеме да функционираме. Бараме од повисоките структури во државата благовремено да интервенираат и да го решат овој проблем за да функционира железницата, а со тоа и стопанството во државата – изјави Чакаровски.
Тој се надева дека ресорното Министерство за транспорт и врски и Владата ќе го решат проблемот за да не дојде до прекин на транспортот на суровини за стопанството и за да можат да сообраќаат меѓународните транзитни возови.