Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку како пресек се земе првото полугодие на 2020 година, споредено со првото полугодие на претходната година, градежниот сектор го карактеризираа намален број издадени одобренија за градење за 4,5 отсто, пораст на предвидената вредност на објектите од 37,5 отсто, намален обем на договорени градежни работи за 4,3 отсто, исто ниво на обем на извршени градежни работи, како и намалена вкупна вредност на договорените градежни работи во странство за 16,1 отсто

ПОРАДИ ИНДИРЕКТНИОТ УДАР НА ЗДРАВСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ПАНДЕМИЈАТА

Во градежништвото, како еден од носечките сектори во економијата, и покрај тоа што немаше директни забрани за вршење на дејноста, сепак се почувствуваа негативните ефекти од пандемијата и активностите во овој сектор и изминатиот период се одвиваа со намалени кадровски капацитети и со намалена продуктивност. Градежните експерти велат дека состојбите во оваа гранка се неизвесни земајќи ги предвид генералните состојби во економијата и во одделни стопански гранки со кои градежништвото е директно поврзано.

Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија велат дека предизвикот за справување со пандемијата на коронавирусот и за приспособување кон новите услови за живот и за работа не го исклучува ниту градежништвото, кое се соочува со неизвесност и со повеќе тешкотии да продолжи со нормално функционирање и работење.

Паѓа нивото на продуктивноста

– Природата на изведување на градежните активности подразбира претежно физичка работа, ангажман на поголемиот број вработени во компаниите на отворено и неможност за вршење работа од дома, што влијае врз работните процеси – објаснуваат од Здружението на градежништво.
Оттаму додаваат дека оваа гранка немаше директна забрана за вршење на дејноста, меѓутоа мерките за рестрикција на движењето на населението имаа индиректно влијание врз градежната активност и врз динамиката на извршување на почнатите проекти.
– Ангажираните капацитети, и покрај поволните временски услови на почетокот на пандемијата, беа намалени поради доследно почитување на мерките за заштита на здравјето на градежните работници и ограничување на движењето, што влијаеше врз продуктивноста на трудот и врз организацијата на работата на градежните компании – појаснуваат од Здружението.
Надлежните од Здружението велат дека доколку како пресек се земе првото полугодие на 2020 година, споредено со првото полугодие на претходната година, градежниот сектор го карактеризираа намален број издадени одобренија за градење за 4,5 отсто, пораст на предвидената вредност на објектите од 37,5 отсто, намален обем на договорени градежни работи за 4,3 отсто, исто ниво на обем на извршени градежни работи, како и намалена вкупна вредност на договорените градежни работи во странство за 16,1 отсто.

Потенцијалот е во одржувањето соодветна динамика на јавните работи и во капиталните инвестиции

Генерално, во првото полугодие, споредено со истото полугодие од претходната година, градежништвото забележа пораст од 1,05 отсто, што се должи на нискоградбата, каде што имаше пораст од 10,8 отсто, додека во високоградбата имаше пад од 14,3 отсто.
– До крајот на годината се очекува економските последици од пандемијата врз деловните субјекти да се продлабочат. Меѓутоа, покрај актуелните состојби, ако се посвети внимание на одржување соодветна динамика на јавните работи, инвестирањето во капитални и во инфраструктурни проекти, но и во креирање дополнителни мерки, приспособени на потребите на градежништвото, може да се подобри потенцијалот на секторот и градежништвото како стопанска гранка да придонесе за враќање на нормалните текови и за повторно раздвижување на економијата – сметаат од Здружението на градежништво.
Градежниот експерт Никола Велковски објаснува дека иако овој сектор не е најпогоден и не претрпе огромни загуби, сепак корона-кризата има влијание врз градежништвото, поради недостигот од градежни материјали, кои во најголем дел се увезуваат, но и поради недостигот од работници.
– Транспорт на градежните материјали е отежнат, а и производителите ја искористуваат ситуацијата, па ги зголемуваат цените, што на крајот ќе ги зголеми сите пресметки при градењето. Уште еден голем проблем е недостигот од квалификувана работна сила, за што се немаше слух во изминатите години, а сега ги трпиме последиците, бидејќи многу од вработените се во изолација како последица на ковид-19 – истакна Велковски.

Процедури заглавени во институциите

Според него, институциите задолжени за одобренија за градби и за други потребни документи работат со намалени капацитети, па и таму има застој, купувачите прво мислат како да се заштитат себеси и блиските, а потоа да бараат кредити и да купуваат станови.
– Има релативно голем застој во приватните инвестиции, бидејќи на граѓаните не им е погодно за време на криза да земаат кредити, а да имаат голема неизвесност за економската состојба. Инаку, државните инвестиции донекаде функционираат, ама пак се со помал обем, затоа што програмите не се носат, советите не функционираат за нови одлуки, дел од општинската администрација не е присутен за да може да течат договорите, особено во локалната самоуправа, затоа што тие во моментот се носители на некои градежни активности – споменува Велковски.