За тоа колку новите податоци, односно намалувањето на бројот на работниците е сигнал за влошување на состојбите и како да се дојде до наминување на оваа криза, која зема сѐ поголем замав, експертите имаат различни објаснувања
МИСТЕРИОЗЕН ВИРУС НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ
Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат намалување на бројот на работниците во индустријата за три проценти во март оваа година во споредба со истиот месец минатата година. Притоа се забележува дека најголем пад има кај секторот Рударство и вадење камен од 6,6 отсто, по што следува секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со пад до 3 проценти, па Преработувачката индустрија каде што бројот на работниците се намали за 2,7 отсто. Намалувањето на бројот на работниците во периодот јануари – март 2021 година во споредба со истиот период претходната година е 3,5 проценти. Ова е втор месец во низа како се забележува намалување кај работниците во индустријата, што не беше случај претходната година кога започна пандемијата.
Раст има само кај одредени индустриски гранки
Колку новите податоци, односно намалувањето на бројот на работниците се сигнал за влошување на состојбите и како да се дојде до наминување на оваа криза, која зема сѐ поголем замав, разговараме со универзитетски професор и со претставници на бизнис-заедницата.
– Во индустријата моментално има интересни тенденции. Од една страна, доколку се погледне индустриското производство во март 2021, тоа навистина има солиден раст, меѓутоа во најголема мера воден од големите растови кај индустриските гранки поврзани со компаниите во ТИРЗ (машини, електрична опрема и сл.). Студија во која јас учествував покажа дека тие компании искусија длабоки падови во 2020, но и дека први ќе излезат од кризата, што е токму она што го гледаме во мартовското индустриско производство. Кај преостанатите гранки гледаме падови, што упатува дека неизвесноста во економијата сѐ уште е високоприсутна. Истото тоа се однесува и на падот на индексот на индустриски работници – објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Професорот посочува дека кога станува збор за работниците, дури и кај гранките поврзани со ТИРЗ-овите, нема да видиме позначаен раст на бројот на работниците пред светот да се врати во позначајна нормализација.
– Оттука, би рекол дека овие бројки за индустриските движења не носат, во моментов, некои особено добри вести. Да, има позитивни знаци, меѓутоа за нормализација на состојбата во која ќе видиме широкопојасен индустриски раст, проследен со нови вработувања или повторни вработувања на претходно отпуштени работници, треба да почекаме уште неколку месеци – укажува Петрески од „Американ колеџ“.
Големиот расчекор помеѓу понудата и побарувачката на работна сила
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека состојбите во индустријата во Македонија треба да имаат централно место во анализите и политиките, бидејќи на овој степен на развој, на кој се наоѓаме, индустријата сѐ уште треба да биде главна движечка сила на извозот и економскиот раст.
– Споредбата на падот на индустриското производство во 2020 со 2019 година, кој изнесува 9,5 отсто, со падот на бројот на работници во индустријата, кој изнесува 4,6 проценти, може да е резултат на мерките за финансиска помош за исплата на плати, кои беа комбинирани со обврската да се задржи бројот на вработените. Слична е состојбата и кај преработувачката индустрија, падот во 2020 во однос на 2019 година на индустриското производство изнесува 9,9 отсто, додека падот на вработените изнесува 5 проценти. Споредувајќи го периодот јануари – март 2021 со јануари – март 2020 се добиваат сосема спротивни резултати, индустриското производство бележи раст од 7,6 проценти, а падот на вработените изнесува 3,5 отсто. Кај преработувачката индустрија јануари – март 2021 споредено со јануари – март 2020 бележи раст од 6,2 отсто, а бројот на работниците пад од 3,3 проценти. Иако овие тенденции може да имаат и сезонски карактер, сепак факт е дека финансиската помош за месеците февруари и март доста доцнеше и тоа придонесе дел од работодавците да се одлучат за отпуштање на вработените. На долг рок, падот на вработените во индустријата е резултат на големиот расчекор помеѓу понудата и побарувачката на работна сила. На пазарот на трудот се нудат образовни профили што не се потребни во стопанството, а индустријата бара работници што не може да ги најде на пазарот – објаснува Димитров.
Претседателот на ОРМ дополнува дека сѐ додека успеваме овој пад на бројот на вработени во индустријата да го компензираме со поголема продуктивност преку набавка на современа опрема и технологија, ова нема да влијае загрижувачки на економскиот раст на земјата.
– Ако не дојде до промена на стопанската структура, а намалениот број работници во индустријата нема да се одрази со зголемување на вработените во услугите, тогаш ќе биде проблем за идниот економски раст. Трендот на заминување на младите надвор од државата, сигурно ќе продолжи и по завршување на пандемијата и овој проблем мораме да го решаваме на долг рок – истакна Димитров.
Непредвидливоста на пандемијата ги раздвижи бројките
Претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, појаснува дека дел од промените на бројот на работниците во индустријата се должи и на различните информации со кои располагаа и надлежните и бизнисмените на почетокот на кризата, во споредба со сегашните, една година по нејзиниот почеток.
– Првичните информации беа дека до мај минатата година ќе го достигнеме врвот на пандемијата и дека потоа летно време нема да има ширење на вирусот, па главната насока и желба на сите беше да не се отпуштаат работниците. Но сега, една година од почетокот на пандемијата кога се соочуваме со намалена потрошувачка, намалена е и потрошувачката на тешка индустрија, па компаниите не можат повеќе да издржат, немаат доволно работа за сите и не можат да ги зачуваат сите работници. Дополнително во севкупната слика удел има и сивата економија, бидејќи први се отпуштаа работниците што не беа пријавени, па не се евидентираше намалување на бројот на работници, но сега веќе поради пандемијата и намалувањето на обемот на работа се намалува и од работниците што се пријавени, и тоа во сектори што навидум не беа директно погодени од преземените рестриктивни мерки – објаснува Бошков.