Република Северна Македонија денес ја издаде осмата по ред еврообврзница, информираат од Министерството за финансии.
Од таму појаснуваат дека еврообврзницата е во вредност од 700 милиони евра со рочност од 7 години и истата е издадена по, како што се вели, историски најниска каматна стапка од 1,625%.
– Истата ќе се искористи за рефинансирање на третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра – се наведува во соопштението.
Од ресорното министерство нагласуваат дека поволната каматна стапка, и покрај ковид-кризата, е резултат на прудентните макроекономски политики и зачуваниот кредитен рејтинг на земјата.
– Задржувањето на кредитниот рејтинг, а со тоа и довербата на инвеститорите, се должи на преземените политики и четирите пакети мерки за соочување со ефектите од кризата – стои во соопштението.
Во него се додава дека со средствата обезбедени од емисијата на оваа еврообврзница ќе се изврши отплата на надворешниот долг, односно на еврообврзницата издадена во 2014 година, која доспева за враќање годинава. Остатокот ќе се искористи за финансирање на дел од буџетскиот дефицит. Еврообврзницата од 2014 година е во износ од 500 милиони евра и беше издадена по каматна стапка од 3,975%, што значи дека сега каматата е за 2,35 процентни поени пониска.