Кризата со ковид-19 нагласи некои структурни ограничувања на економијата, како што се концентрацијата на пазарите во странство, зависноста од увоз на репроматеријали, недоволно развиената соработка со домашните доставувачи и недостигот од човечкиот капитал
Имајќи го предвид суштинското значење на извозот за нашата економија, неопходно е да се дизајнираат и да се преземат мерки за помош на домашните и странските извозно ориентирани компании, за во одреден временски период да ги одржат капацитетите и вработените. Тоа еднакво треба да важи и за компаниите што се дел од големи странски групации и за домашните мали компании, кои мора со многу ограничени ресурси да се борат сами на странските пазари. Кризата со ковид-19 нагласи некои ограничувања што биле структурни, како што се концентрацијата на пазарите во странство, зависноста од увоз на репроматеријали и недоволно развиената соработка со домашните доставувачи и ограничувања во човечкиот капитал. Извозно ориентираните компании може да бидат мотор на растот во фазата на закрепнување на економијата, поради што се потребни дополнителни мерки за нивно растоварување и поттикнување.
Кризата, сепак, отвора можности
Од институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ велат дека нарушувањата во надворешната трговија предизвикани од кризата со ковид-19 го влошуваат инвестицискиот сентимент на извозно ориентираните компании.
– Но кризата, сепак, отвора можности за извозниците и мултинационалните компании што дејствуваат во Северна Македонија во однос на реориентација и адаптација на производствените капацитети на „новото нормално“ окружување, на освојување нови пазари и релоцирање капацитети од далечните пазари доколку присуството на тие пазари е неодржливо. Креаторите на политиките треба да бидат свесни за потенцијалите на извозно ориентираните компании, со цел да дизајнираат целна поддршка за нивно зголемено искористување – сметаат од „Фајненс тинк“.
Оттаму додаваат дека ги идентификуваат потенцијалите на извозно ориентираните компании во текот на кризата со ковид-19 и предлагаат соодветни мерки за надминување на ограничувањата.
– Пандемијата предизвика сериозни нарушувања на синџирите на набавки што би можеле да активираат ревизија во географското позиционирање на капацитетите на мултинационалните компании. Податоците од анкетата што ја правевме дали странските извозници во текот на ковид-19 имаат релокација или интеграција на производствени капацитети и дали имаат можност да привлечат производствени линии во нашата држава – најголем процент (83 отсто) од странските извозници ја задржуваат својата географска дистрибуција, додека остатокот има географско репозиционирање или интеграција на нивните капацитети. Од вторите, 94 отсто имаат можност да воведат производствени линии во нашата земја. Додека само мал процент од мултинационалните компании ги преиспитуваат локациите на своите капацитети, речиси сите имаат можност да ги прошират своите капацитети привлекувајќи линии од матичните компании – посочуваат од институтот.
Мерки што би помогнале компаниите брзо да се адаптираат
Според „Фајненс тинк“, потребни се мерки што би помогнале извозниците брзо да се адаптираат на условите во постковид-периодот и да учествуваат во забрзано закрепнување на економијата.
– Потребно е усогласување на царинските стапки во согласност со ЕУ на клучни компоненти и намалување или ослободување од увозни давачки за активности за набавка на машини и изградба на нови капацитети. Потребни се и финансиска поддршка и менторство за издигнување на технолошкото ниво на доставувачите – посочуваат од „Фајненс тинк“.
Како што велат оттаму, потребно е зголемување на капацитетот на доставувачот во поглед на стандардизацијата и сертификацијата на производите/услугите, етиката на соработка, технолошкото ниво и слично, за да се вклучи во синџирот на набавки на извозниците.
– Во нашата студија, ние укажавме и на потребата од субвенционирање експанзија кон нови пазари и економска дипломатија. Препорачавме и стимулирање на креирањето човечки капитал преку субвенции за тренинг и едукација и дуално образование – нагласуваат од институтот.
Интернационализација на македонските производи
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, истакнува дека како мерка за поттикнување на извозните компании треба да се направи план за поддршка на компании што ќе инвестираат во нови технологии директно поврзани со извозот на нивните производи и услуги.
– Исто така е потребно да се помогне во интернационализацијата на македонските производи и директно помагање во промоцијата и презентацијата на компаниите, производите и услугите. Можеби е време Владата да инвестира во универзален портал за презентација на македонските производи и производители на повеќе јазици и на тој начин да придонесе кон зголемување на извозот и развојот кај извозно ориентираните компании – смета Бошков.
Механизми за поттикнување на нето-извозот и за зголемување на додадената вредност
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека треба да се воведе механизам за поттикнување на нето-извозот и на додадената вредност.
– Воведувањето ваков механизам ја релативизира номиналната големина на самиот извоз и во преден план ги става ефектите што ги продуцира тој извоз за домашната економија. Со поттикнувањето на компаниите, кое е во корелација со остварениот нето-извоз, и со креираната додадена вредност се создава мотивирачки елемент за насочување на инвестициите на приватниот сектор кон активности што во поголем обем се потпираат на домашни ресурси (работна сила, суровини, знаење, технологија). Покрај домашните компании, ваквиот механизам би ги поттикнал и компаниите што се странски директни инвестиции во земјава да користат повеќе домашни ресурси, покрај работната сила – споменуваат од комората.
Тие додаваат дека користењето на механизмот на подолг рок ќе доведе и до преструктурирање на домашната економија, ќе генерира повисок раст и ќе има поголем позитивен ефект врз целата економија.