Ако со политичка одлука минималната плата се зголеми многу повисоко од порастот на продуктивноста, ќе добиеме уште поголема уравниловка и ќе се намали продуктивноста кај подобрите работници, а тоа негативно ќе влијае на конкурентноста на македонските компании на светските пазари, како и на вработеноста
Зголемувањето на просечната плата по вработен, која во декември 2018 година изнесува рекордни 25.784 денари, е единствено резултат на зголемувањето на минималната плата. Платите не растат континуирано сите, растат само најниските плати и единствено тоа влијае на просекот, а доколку би растеле сите, ефектот и резултат на работниците би биле други. Според работодавците, на овој начин се изедначуваат платите на вработените, без разлика на нивната умешност и образование. Уште едно зголемување на минималната плата може да доведе до намалување на продуктивноста на вработените што имаат поголеми примања од минималецот.
Сепак, над 300 илјади работници во Македонија сѐ уште не можат да го достигнат износот на просечната плата. Според статистиката на Државниот завод за статистика, во последното тримесечје од 2018 година, активното население во нашата држава изнесува 957.609 лица, од кои вработени се 771.806. Во секторот земјоделство, каде што просечната плата е 19.101 денар, се вработени 113.847 лица, во преработувачката индустрија просечната плата е 21.427 денари и се вработени 155.160 лица, во градежништвото, каде што просечната плата е 22.633 денари, се вработени 58.122 лица.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, објаснува дека платите на секторите земјоделство, преработувачка индустрија и градежништво секаде се пониски од просечната плата и дека тие секогаш се наоѓаат под просекот, затоа што имаат помала додадена вредност, која е резултат на помалите вложувања по единица работник.
– Анализите на статистичките податоци покажуваат дека како резултат на зголемувањето на минималната плата имаме поголем пораст на просечната плата кај преработувачката индустрија, градежништвото и земјоделството отколку порастот на гранките што имале повисоки плати од просечната – нагласува Димитров.
Тој додава дека просечната плата во земјоделството во 2018-та во однос на 2017 година пораснала за 8,7 отсто, кај производството на облека 11,8 отсто, кај изградбата на згради за 11,6 отсто.
– Оваа тенденција се гледа и од анализата на другите податоци, како на пример фактот дека по зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, сега поголемиот број работници земаат плата блиску до минималната плата, што покажува дека платите повисоки од просечната плата имаа помал пораст. Според овој податок, можеме да забележиме дека дојде до „изедначување“ на платите на оние што земаа пониска плата од новата минимална и оние што од пред покачувањето ја земаа оваа плата – истакна Димитров.
Заклучокот, вели тој, е дека порастот на минималната плата имаше значителна улога во покачувањето на просечната плата во државава.
– Новото покачување на минималната плата на износ од 12.500 денари доведе до ситуација кога минималната плата достигна над 50 отсто од просечната плата и покажува дека нивото на минималната плата во Македонија е поставено доста повисоко од нивото во повеќето земји членки на ЕУ, каде што се движи околу 45 отсто – нагласува претседателот на ОРМ.
Димитров смета дека не смее да се дозволи порастот на минималната плата да не ја следи продуктивноста.
– Ако со административна т.е. политичка одлука минималната плата се зголеми многу повисоко од порастот на продуктивноста, ќе добиеме уште поголема уравниловка и ќе се намали продуктивноста кај подобрите работници. Ова ќе влијае негативно на конкурентноста на нашите компании на светските пазари и, се разбира, ќе влијае негативно на вработеноста – појаснува Димитров.
Проблемот со уравниловката што го истакнаа и работодавците е потребата да растат преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници. Просторот за зголемување на минималната плата е речиси целосно искористен. Натамошни чекори во оваа насока сериозно би се одразиле на работењето на компаниите, а со тоа и на економскиот пораст.
– Најголемиот простор за пораст на минималната плата е веќе искористен. Секако, постои уште некој мал простор за пораст на минималната плата и, според нашите анализи, до крајот на годината потенцијално би било максимум до 13.000 денари – велат од институтот за економски истражувања и политики, „Фајненс тинк“
Според Меѓународниот монетарен фонд, Македонија може да плати висока цена од понатамошно ад хок покачување на законски утврдената минимална плата.
– Новото зголемување на минималната плата во Македонија како законска обврска може да влијае на зголемување на невработеноста кај младите. Властите треба да се претпазливи, бидејќи Македонија е на критичен праг – предупредува ММФ.