За реалната економија

АНАЛИЗА

Ни требаат реформи, ново организирање, исправање на грешките, одговорно однесување… и ако сѐ тргне во најдобар правец, ни требаат десетина години за да бидеме земја со друга, повисока конкурентност. А за тоа време, пазарите на кои ќе сакаме да излеземе ќе бидат уште поорганизирани да се бранат од такви како нас, што значи уште позатворени. А можеби и ќе работат за да не успееме. Како и да е, поединечниот настап на нашите фирми на европските пазари ќе биде чукање на затворени врати

Ѓорѓи Савов

Дали е време за оваа проблематика? Добро е што барем „Нова Македонија“ не мисли така. Прилозите за македонската економија: „Зошто ја заборавивме реалната економска состојба во Македонија“ од К. Панчевска и П. Огњановска, за разлика од обемните анализи од Стопанската комора, ако не повеќе, барем убаво и јасно ја дефинираат реалната состојба.
За жал, со оглед на актуелната политичка состојба, реални се шансите уште долго во Македонија да не биде време за економска проблематика. Оваа политика на „ни црно ни бело“ состојба, ниту е првпат во Македонија ниту ќе трае кратко. А како и да заврши нашата кандидатура во ЕУ, Македонија мора да биде подготвена за оваа проблематика, да има своја игра и да знае што сака. Од сегашнава чекачка пасива, мораме да се прешалтуваме во офанзива.
Независно што сега гласачкото тело изгледа изненадено во однос на тоа што владејачката партија го имаше во предизборната програма, факт е дека СДСМ планираше победа на изборите, брз влез во НАТО и брзо отворање кон европскиот бизнис. Тоа што сега ова ќе нѐ чини многу поскапо, можеби и фатално, не значи дека треба да се откажеме од главната цел – вклучување на македонската економија во светската и доведување на нашиот животен пат и стандард во ефикасна корелација со светот.

Што е тоа што не ни чини и како да го коригираме? Што не ни чини, според амбициите на овие прилози во весников, секако е доволно кажано. А како да се коригира тоа (исто е како обесувањето ѕвонец околу вратот на мачорот, глувците…), ниту е лесно ниту, пак, може да опише во вакви, во обемот ограничени текстови.
Целта на овој текст е да укаже на уште еден, можеби и најважен проблем со кој се соочува македонската економија. А тоа е обезбедувањето пазар за нејзините производи. За жал, и тоа е проблем за нашиот недозволиво мал друштвен производ. Поточно, ние во Македонија ниту остваруваме обем на нови производи што би требало да ни го овозможат посакуваниот стандард, ами тоа мало и повремено производство, заради необезбедениот пазар, не можеме финансиски да го ефектуираме. Добро, ни требаат реформи, ново организирање, исправање на грешките, одговорно однесување…, и ако сѐ тргне во најдобар правец, ни требаат десетина години за да бидеме земја со друга, повисока конкурентност. А за тоа време, пазарите на кои ќе сакаме да излеземе, ќе бидат уште поорганизирани да се бранат од такви како нас, што значи уште позатворени. А можеби и ќе работат за да не успееме. Како и да е, поединечниот настап на нашите фирми на европските пазари ќе биде чукање на затворени врати.

Факт е дека сите наши производствени чинители се неорганизирани и оставени сами на себе. Соочени се со необезбеден и несигурен пазар, со несигурна достава на суровини и репроматеријали. Владата, подучена од негативните реакции по инвеститорската функција што ја имаше претходната влада, сега само заговара обезбедување услови за развој на бизнисот. Што на тој план прави, никој ништо не кажува. Поголемиот дел од буџетот што беше наменет за капитални објекти е нереализиран, Фондот за развој е фонд што само чека иницијативи и идеи од самите фирми. Од субвенциите во земјоделството, единствено што знаеме е дека се зголемува увозот на земјоделски производи и дека сѐ повеќе земјоделски површини остануваат необработени. Македонија треба да ги развие земјоделството и сточарството. Но исто како во Германија, Данска, Холандија…, тоа не смее да ни биде главната надеж. Ние мора да ставиме во функција сѐ што може да направи нов друштвен производ.
Што сега? Оваа состојба со нашата економија, заедно со други неодржливи аргументи, се користи во агитацијата за прифаќање на договорот од Преспа. Демек со членството во ЕУ автоматски ќе се надминат сите овие проблеми. Ако влеземе во Европа со ваков мал друштвен производ и со ваква неконкурентност, ќе се соочиме со долго, болно и со дополнително осиромашување на Македонија.

Независно дали приемот во ЕУ ќе биде за десет, петнаесет или дваесет години, Владата мора да почне да ја подготвува државата за намалување на јазот меѓу нашата и европската економија. Тоа мора да биде активност во која ќе бидат координирани промените и напредокот во сите сфери на општествената ефикасност.

Мој совет е Владата да формира ново министерство, министерство за развој. Тоа мора да биде НЕпребивалиште на лојални партиски апартчици, туку тоа треба да биде екипа што ќе знае што значи и како да го зголеми друштвениот производ.

А за тоа ќе треба:
– Да обезбеди домашна регулатива што во сите сфери на животот ќе инсистира на максимална ефикасност.

– Да направи детални програми за зголемување на обемот на производството (преку нови капацитети, зголемена продуктивност) по сите дисциплини од стопанството. Притоа да обезбеди економски интерес за искористување на сите можности за добивање пазарна вредност на сите природни и човечки капацитети.

– Да направи програми за настап на сите надворешни пазари што се интересни за нашето стопанство. Притоа, да се користат политички и дипломатски врски, како и ангажирање луѓе што можат да обезбедат пласман на тие пазари. Да се формираат извозни фирми во кои интересот ќе биде обезбеден на целиот синџир на чинители – произведувачите, трговците, државата. Капиталот на овие фирми треба да биде заедничко вложување од сите што ќе бидат заинтересирани за успехот на овие фирми.

– Со обезбедениот пласман, да се воспостават партнерски односи со производителите, на кои ќе им се гарантираат максималните поволности на пазарот.

– Финансиските институции да обезбедат поволни средства и потребни гаранции за извозот.

Состојбата очигледно е повеќе од драматична. Секако дека се потребни поширока дискусија и анализа од луѓе што можат да предложат програми за надминување на оваа состојба.
Како и да е, ова е проблематика на Владата.

(Авторот е пензионер)