Премиерот Зоран Заев со воведно обраќање ја отвори Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по ковид-19“ во рамки на Економскиот и финансиски форум.
Заев истакна дека после една година, според денешните официјални статистички податоци можеме да кажеме дека кризата и официјално одминува и економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe.
– Официјално пред неколку минути е објавено од Заводот за статистика дека во вториот квартал од годинава согласно статистика регистриран е позитивен раст на бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигнавме раст на бруто домашниот продукт од 5,6 проценти – рече премиерот Заев.
На Конференцијата премиерот Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, го најавија и Планот за здравување и финансирање на забрзан раст кој е веќе подготвен. Целта е да се обезбеди финансирање на закрепнувањето на економија од КОВИД и поддршка за забрзан одржлив раст со паралелно одржување фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор како дополнување на буџетските средства и задолжувањата.