Интерконекторот (меѓусистемска гасна врска Петрич-Струмица) е една голема визија на поврзување меѓу Македонија и Бугарија, но и на гасификација на целиот Југоисточен Регион на нашата земја, согласно националните стратегии и еден од стратешките приоритети на нашата држава, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, во своето обраќање на тркалезна маса за формирање на регионален енергетски пазар преку подобрување на енергетската поврзаност помеѓу Македонија и Бугарија, во организација на Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарско-македонската-трговско индустриска палата.
Заев рече дека преку Национални енергетски ресурси се развива целосно националната гасоводна мрежа којашто во моментот од Скопје е пуштена до Штип и до Клечовце и истовремено продолжува до Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола, додека вториот дел е поврзувањето од Скопје до Тетово, Гостивар, а од следната година ќе продолжува кон Кичево.
-Целта е овој прстен целосно да го затвориме и во југоисточниот дел на државата да се изгради еден интерконектор, кој ќе направи поврзаност на гасоводот со гасоводната мрежа која оди Софија-Грција, покрај Благоевград, Сандански и Петрич, кадешто треба да донесеме гасоводен систем кон Струмица и Струмичкиот регион, за да може да биде поврзана на националниот гасовод, но и за развој на системите за национална гасоводна мрежа – објасни Заев.
За споредба, премиерот го посочи потенцијалот на струмичката котлина, која само за извоз произведува раноградинарски земјоделски производи во вредност од 130 милиони евра. Со евтин енергенс, кој ќе придонесе тоа да се постигне за еден или два месеца порано, тоа значи голема конкурентност на тие земјоделски производи, сериозен потенцијал за профитабилност и одржлив развој на драгоцената дејност – производство на храна.