Со обраќања на премиерот Зоран Заев, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на претседателот на Владата на Албанија Еди Рама, како организатори и во координација и соработка со стопанските комори на трите земји, денеска во Скопје започна Економскиот форум за регионална соработка.
Со претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од другите земји од Западен Балкан, како и од повеќе други земји пошироко од регионот започнува нова ера на соработката во регионот, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
– Овој масовен одзив да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот, е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција – потенцираше Заев.
Тој истакна дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија, и на кластерите за Србија и Црна Гора, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа, и дека ние, земјите од Западен Балкан не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.
– Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии. Да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции. Тоа се остварува многу потешко доколку го правиме поединечно – потенцираше премиерот Заев.
Тој додаде дека оваа нова енергија е израз на максималната посветеност на лидерите на трите земји за ефикасна регионална соработка.
„Ова е силна политичка волја. Се поврзуваме за развој на нашите економии, за изградба на заедничка економија, за подобар живот на секој наш граѓанин. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Очекуваме многу скоро бенефитите да се осетат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани“, нагласи премиерот Заев.
Во завршницата на своето обраќање додаде дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан и ги повика и охраби и останатите земји од регионот да се придружат.
„Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар“, нагласи Заев.