Тре­ба се­ри­оз­но да се раз­мис­ли кол­ку вна­треш­ни ре­зер­ви мо­жат да се иско­ри­стат во овој мо­мент

Иако економските експерти не сакаат да дадат точни проекции, сепак, очекувањата им се дека јавниот долг ќе го надмине прагот од 60 отсто од БДП, но истакнуваат дека овој патзадолжувањето е неизбежно поради виша сила

Зачувување на работните места и поддршка на компаниите заради намалување на штетите од мерките што се применуваат за сузбивање на ширењето на коронавирусот врз економијата остануваат меѓу приоритетните задачи за институциите, веднаш по обидите за заштита на јавното здравје. Токму поради ширењето на вирусот, како и запрените работни процеси изминатиов период, Владата излезе со неколку мерки за поддршка на стопанството, а во јавноста веќе беше посочено дека Меѓународниот монетарен фонд за Македонија ќе издвои 176 милиони евра, со каматна стапка од само 1,05 отсто.

Наедно, најавени се финансии и од Светска банка, а надлежните информираа дека се планира задолжување и кај комерцијалните странски банки и дека Министерството за финансии почнало со процесот на издавање еврообврзница.
Токму ваквите планови, кои се неизбежни во оваа ситуација, ќе ја направат Македонија уште позадолжена држава отколку што беше пред почнувањето на оваа здравствено-економска криза.
– Задолжувањето е неминовно во вакви околности. Буџетските приходи ќе забележат голем пад, особено во текот на овој квартал кога економијата е „затворена“ поради мерките на здравствени власти. Приватните финансиски пазари замрзнаа и затоа е неопходен фокус врз концесионалните кредитори, како ММФ и Светската банка, каде што очекувам дека одобрувањето ќе оди побрзо и условите ќе бидат поповолни – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Тој истакнува дека ја следи најавата на Министерството за финансии за издавање еврообврзница и истакнува дека тоа е коректен потег, но додава дека ако обврзницата се издаде во овој момент, тогаш мобилизацијата на средствата ќе биде речиси невозможна.
– Очекувам дека мерките на централните банки, особено на ЕЦБ, и мерките на самата ЕУ значајно ќе ја олабават напнатоста на европскиот финансиски пазар, што ќе биде добра вест за нас, и во контекст на издавањето еврообврзница, и во однос на достапната ликвидност на нашите банки преку нивните банки-мајки. Оттука, задолжување со еврообврзница за 2-3 месеци од денес ќе биде можна опција. Сето ова, секако, ќе влијае врз зголемување на нашиот јавен долг. Според моменталните информации, очекувам дека тој притисок врз долгот ќе биде во рангот од 7 до 10 процентни поени од бруто-домашниот производ, кој и самиот ќе се контрахира, па долгот како процент од БДП ќе порасне и по таа основа. Но примарна цел на носителите на политиките сега не треба да биде задржување на растот на долгот, туку превенирање поголем крах на економијата и губење работни места – истакна професорот Петрески.

Токму во насока на раст на задолженоста на македонската економија, деновиве во својата редовна колумна накратко се осврна и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој укажа дека мора да бидеме внимателни со кредитите.
– Нагласив дека мора да се води сметка за висината на задолжувањето на државата, затоа што тие средства ќе мора да се враќаат и треба сериозно да се размисли колку внатрешни резерви, за кои со сигурност знаеме дека го подјадуваат државниот буџет, можат да се искористат во овој момент – напиша тој во коментарот насочен кон мерките и предлозите што треба да се преземат за полесно надминување на тешкотиите што настанаа во економијата поради мерките за сузбивање на вирусот.

Професорот Томе Неновски потсетува дека во последните неколку години каматните стапки на меѓународните финансиски пазари се движеа на доста ниско ниво, што е резултат на високата ликвидност со која се соочуваа(т) меѓународните финансиски институции. Тој дополнува дека поради здравствено-економската криза, економијата во поголем број земји ќе се движи во надолна линија, поради застојот во производството и намалената побарувачка на стоки и услуги, со што се влошуваат буџетската состојба и кондиција на поголем број земји, а особено на земјите во развој.
– Побарувачката за кредити на меѓународните пазари ќе се зголемува, а со тоа и нивото на каматните стапки. Имајќи го предвид тоа, за Македонија би било благопријатно ако успее планираното задолжување во странство да го реализира со каматна стапка од околу 1,5-2 отсто годишно.

Бидејќи задолжувањето, очигледно, е неопходно, тоа треба да се направи што побрзо, затоа што реално е да се очекува дека каматните стапки на меѓународните финансиски пазари во претстојниот период ќе бележат нагорни движења – објаснува професорот Неновски.
Според него, најавените нови задолжувања на земјата дома и во странство, недвосмислено, ќе водат кон натамошно зголемување на јавниот долг на земјата.
– Бидејќи од надлежните институции се најавуваат различни проекции за „дупките“ во државниот буџет, а со тоа и за потребата од дополнително задолжување на државата, неблагодарно е да се прогнозира приближното ниво на јавен долг што земјата би го достигнала до крајот на оваа година.

Во тие пресметки, секако, треба да се земат износите на долгови на земјата што треба да се вратат спрема домашните и странските кредитори до крајот на оваа година. Во секој случај, може да се очекува дека јавниот долг на Македонија до крајот на оваа година ќе го надмине психолошкиот праг од околу 60 отсто од БДП. Тоа ќе ги зголеми износите на обврските на државата спрема нејзините кредитори, што значи дека во идните години ќе се бележат растечки износи на средства од државниот буџет, кои ќе бидат насочувани за отплата на тој долг – додава Неновски.

Според него, последица на раст на долгот ќе биде намалување на делот од буџетот што ќе се користи за продуктивни цели, што може во следните години да предизвика растечки даночни оптоварувања за економските субјекти во земјата, а со тоа и продолжени негативни дејства врз големината на БДП.
– Тоа е „жртва“ што, како и секогаш во време на економска криза, економските субјекти и државата ќе мора да ја платат. Овој пат, изгледа, најголема досега – истакна Неновски.


Како да се спречи рецесијата да премине во депресија

И поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, посочи дека спасот на економијата подразбира значителен раст на јавниот долг на државите.
– Предизвикот со кој се соочуваме е како да се дејствува со доволна сила и брзина за да се спречи рецесијата да премине во одложена економска депресија, која ќе се продлабочи со мноштво банкроти на држави, оставајќи непоправлива штета.

Одговорот мора да вклучи значително зголемување на јавниот долг. Значително повисоки нивоа на јавен долг ќе станат перманентна карактеристика на нашите економии и ќе бидат придружени со отпишување на долговите на приватниот сектор – објаснува Драги.
Според него, задача на државите е да ги заштитат граѓаните и економијата од шокови за кои приватниот сектор не е одговорен и не може да ги амортизира.