Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, на вчерашната средба, по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, кој беше потпишан на 1 август 2017 година во Скопје, меѓу другото, исто така го разгледале и степенот на реализација на проектите во рамките на Коридорот 8. Премиерот Заев нагласи дека нашата влада обезбедила 580 милиони евра за изградба на пругата кон Бугарија, напоменувајќи дека во следниот период министрите за транспорт и врски треба да го најдат решението за доградба на граничниот тунел кај Ѓуешево за железничко поврзување на двете земји.
– Веќе договоривме во следните неколку дена да одржат состанок за да најдат решение како еден тунел, кој заеднички го споделуваме на границата помеѓу двете земји, да биде изграден квалитетно – изјави премиерот Заев.
Изградбата на тунелот, во вредност од над 70 милиони евра, веќе е започната од бугарската страна на границата, додека од наша страна тој е вклучен во третата фаза од изведбата на пругата кон Бугарија, во делот меѓу Крива Паланка и Деве Баир. Бугарскиот премиер Бојко Борисов напомена дека тунелот од бугарската страна на границата е речиси готов.
– Можеме уште да го забрзаме процесот и ве повикувам сите да се вклучиме и да не губиме време – изјави бугарскиот премиер.
Премиерот Борисов најави дека министрите за транспорт и врски на двете земји следната недела ќе извршат увид во изведбата на тунелот кај Ѓуешево.
На заедничката прес-конференција се споменаа и други инфраструктурни проекти за подобро поврзување на двете земји, вклучувајќи ја изградбата на експресниот пат од Куманово до Деве Баир на Коридорот 8 и изведбата на граничниот премин Клепало и на два други гранични премини.
Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов вчера положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по што ги разгледаа фреските и иконостасот во црквата. Борисов, кој беше во еднодневна посета на земјава, имаше средба и со претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, а заедно со премиерот Заев беа во посета на Дојран, каде што положија цвеќе на споменикот на полковник Константин Каварналиев.