Стратегиската нерамнотежа во економијата мора да биде ориентир за редефинирање на политиките, кои се клучни за идниот економски раст и развој на нашата земја. „Нова Македонија“ денеска го има последното издание од анализата на состојбите во неколку економски сектори, во која ги посочивме најголемите, децениски проблеми. Во последново продолжение, акцентот е ставен кај енергетиката, градежништвото и кај металургијата
Катерина Панчевска
Петранка Огнаноска
Како мала и отворена економија, која главно се потпира на надворешната побарувачка, Македонија не може да го постигне сопствениот економски раст доколку не се соочи со долгорочните ризици, како што се: ниското ниво на производство; ниското ниво на извоз, а со тоа низок економски раст, ниското ниво на домашни, како и со ниското ниво на прилив на странски директни инвестиции и со отежнато задолжување на реалниот сектор и на државата.
Затоа, макроекономската рамка мора фокусот да го стави на елиминирање на клучните диспаритети помеѓу вкупното производство и потрошувачката, увозот и извозот, кој се покрива со задолжување. Оваа стратегиски нерамнотежа мора да биде ориентир за редефинирање на политиките, кои се клучни за идниот економски раст и развој на нашата земја. „Нова Македонија“ денеска го има последното издание од анализата на состојбите во неколку економски сектори, во која ги посочивме најголемите децениски проблеми. Во последново продолжение, акцентот е ставен кај енергетиката, градежништвото и кај металургијата.
Потребни се странски инвестиции во енергетиката
Македонија во последните десет, но и повеќе години се соочува со недостиг од електрична енергија од сопствено производство односно зголемена потреба од увоз на електрична енергија.
– Тоа значи дека немаме доволно производни капацитети и дека се намалени ресурси за домашно производство на електрична енергија. Исто така, доцни и изградбата на гасоводни дистрибутивни мрежи во градовите, кои се потребни за да се дистрибуира природниот гас што го увезуваме во земјата, а може да ја намали потрошувачката на електрична енергија и да ја ублажи увозната зависност – појаснува Драган Блажев, стручен советник за енергетика.
Тој додава дека земјата е енергетски неефикасна со енергетски интензитет што е 3 до 4 пати поголем од просекот на земјите-членки на Европската Унија.
– Во изминатите десетина години се реализираа повеќе приватни и државни инвестиции во проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори. Тоа е секако за поздравување, меѓутоа е далеку од доволно за покривање на потребите од електрична енергија што ја увезуваме – смета Блажев.
Од аспект на изградба на гасоводната мрежа, истакнува тој, во последните години се направија инвестиции за реализација на магистрални преносни водови за снабдување на поголемите градови со природен гас. Меѓутоа, тие не можат да се користат сѐ додека не се изградат дистрибутивните гасоводни мрежи во градовите со приклучоци до крајните потрошувачи, што е потребно да се реализира што поскоро, вели стручниот советник за енергетика.
– За да се надминат или ублажат горните предизвици, потребни се стратегиски инвестиции во нови производни енергетски објекти што ќе овозможат стабилност и сигурност во снабдување со електрична енергија. Наедно, инвестициите во енергетиката се капитални инвестиции, кои се враќаат во економијата и директно придонесуваат кон економскиот раст и развој на земјата. За да се мобилизираат инвестициите, потребно е да се ангажира стручниот потенцијал во земјата и да се направат приоритети во стратегиското инвестирање на државата, но пред сѐ треба да се донесат одлуки и да се работи посветено за нивна реализација – истакнува Блажев.
Според него, потребно е да се разгледаат и опциите за заедничко инвестирање со соседните држави во стратегиски енергетски објекти, како и да се анимираат странските инвеститори за нивно учество во приватно-јавно партнерство со државата врз основа на реални и економски издржливи планови и проекти.
Од Македонската академија на науките и уметностите нагласуваат дека за обезбедување на енергетската сигурност потребна е поголема разнообразност на енергетските ресурси по видови, извори и снабдувачи, активна улога на регионалниот енергетски сектори и европската заедница.
– Во таа смисла потребно е максимално можно искористување на домашните ресурси и стратегиски издржана долгорочна политика за приклучување кон главните водоводи во регионот и пошироко – објаснуваат од МАНУ.
Според нивната Стратегија за развој на енергетика до 2030 година, вкупната потрошувачка на финална енергија во периодот од 2020-2030 година ќе расте со просечна стапка од 2,5 отсто, додека, пак, потрошувачката на електрична енергија ќе расте со просечна годишна стапка од 2,1 отсто. Најголема стапка на пораст ќе оствари потрошувачката на природен гас 9,8 отсто. Според сценариото, со засилени мерки за енергетска ефикасност потребите од финална енергија ќе растат со просечна годишна стапка од 2,3 отсто.
– Основните цели за енергетиката се заштита и поттикнување на странските инвестиции во овој сектор, што ќе има позитивни импликации врз вработеноста и динамизирањето на растот на земјата – велат од МАНУ.
Двигателот на економијата е во слободен пад
Некогашниот двигател на македонската економија, денес е во слободен пад. Градежниците во неколку наврати алармираа дека поради слабата реализација на капиталните инвестиции, стопирањето на донесени ДУП-ови, недостигот од приватни инвестиции го доведоа овој сектор на колена. Ова е еден од секторите што се покажа како најзависен од состојбите во државата, иако тие се одразуваат врз целокупната економија, но поради промената на власта и застојот на капиталните инвестиции, градежништвото во последните квартали бележи негативни стапки на раст.
– Капиталните инвестиции опфаќаат голем дел од градежниот сектор во Македонија и тие се еден од најголемиот двигател на секторот. Сепак, мора да кажеме дека и изградбата на станбените објекти има голем удел во него, но бидејќи во тој сегмент веќе има хиперпродукција, треба да се пренасочи градежниот сектор кон други сегменти. На пазарот дури имаме и вишок станови, но се создава и пренаселеност. Не треба да се градат само згради, туку сѐ што е неопходно за да се има квалитетен живот во одредена населба или маало – вели архитектот Никола Велковски, поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Тој додаде дека бидејќи најголемиот раст во градежништвото го прават капиталните инвестиции, кога истите тие би се откочиле овој сектор повторно би заживеал.
– Неопходно е да има големи инвестиции, да се градат патишта и пруги, бидејќи истите тие се од круцијално значење општо за развој на економијата, посебно за транспортот на стоките. Но, исто така мора да има и инвестиции од приватниот сектор, и од домашни и од странски инвеститори, за кои, пак, е неопходна политичка стабилност. За големи приватни инвестиции, во изградби на хали, фабрики или слично, потребно е сигурност за да се мултиплицира капиталот, значи потребна ни е политичка стабилност – заклучува Велковски.
Во изминатиов период претставниците на градежните комори во неколку наврати укажуваат на проблемите со кои се соочуваат во својата дејност и како истите тие да се надминат. Од нелојална конкуренција, преку аларми за неквалитетни материјали, до недостиг од работници, особено на специфични стручни занимања… Секторот се побуни и за поништените детални урбанистички планови, истакнувајќи дека е доцна ДУП-овите да се поништуваат откако објектите предвидени со нив се изградени, дека загубите од таквите потези би биле енормни.
Градежниците се соочија и со драстично намален број на издадени одобренија за градба, поради што алармираа дека секторот се доведува во очајна состојба.
По нивно барање е воведена повластена стапка од 5 проценти за ДДВ за станбен објект, чиј рок е продолжен до 2023 година. Иако мерката требаше да обезбеди и пониски цени на становите, сепак, во периодот на воведување, таа не го даде посакуваниот ефект, туку тој се случи неколку години подоцна поради намалениот интерес за купување.
Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, алармираа дека има отстапки во квалитетот на градежните материјали и посочија дека компаниите во секторот ќе мора да ги почитуваат стандардите и да вградуваат според прописите инаку ќе се соочат со казни.
– Компаниите што нема да го имплементираат Законот за градење со градежни материјали во делот на примена на стандардите од следната година нема да можат да учествуваат на тендери во земјава, а оние компании што ќе вградуваат неквалитетен градежен материјал ќе се соочат со казни – најави претседателот на здружението, Андреа Серафимовски.
Металургијата се соочува со сериозни проблеми
Металургијата е еден од носечките сегменти на економијата и се соочува со сериозни проблеми, состојбата е поразителна. Оваа индустрија работи со преполовени капацитети и бара поддршка и решенија од државата за излез од тешката состојба во која се наоѓа.
Надлежните од оваа индустрија велат дека со намалувањето на производството и на извозот може да дојде и до намалување на вработените во оваа индустрија. Резултатите не се погубни само за гранката, туку ќе се рефлектираат врз целата економија. Покрај светските околности, кои силно влијаат на металската индустрија, состојбата дополнително ја усложнуваат и одредени внатрешни системски решенија. Како што неодамна истакнаа од Здружението на металургија при Стопанска комора на Македонија, има проблеми со обезбедувањето стручен кадар.
– Ние во Македонија немаме кадар за оваа индустрија, немаме јасна визија што ќе се случува со оваа индустрија во наредниот период и нормално е тие деца што треба да се запишат на факултети и во средни школи за оваа работа да бидат во голема дилема и самите ќе ја гледаат перспективата или нема да ја гледаат перспективата ако немаме јасна визија што сакаме да очекуваме – истакнуваат од здружението.
Оттаму додаваат дека кога е во прашање цената на природниот гас како многу влијателен фактор на економичноста на металуршкото производство, па на другата индустрија и населението, треба да се истакне дека компаративните анализи покажуваат дека Македонија плаќа многу повисока цена од производителите слични на нас во непосредното соседство и особено во Европа. Надлежните го посочува примерот за цената на природниот гас во Германија од доставувач на граница во 2012 година изнесувала 317,50 евра, во 2013 – 296,51 евра, во 2014 – 277,27 евра, во 2015 – 193,58 евра, во 2016 – 127,94 евра, во 2017 – 126,94 евра и во 2018 година – 127 евра. Според оваа илустрација, може да се забележи дека цената бележи пад од 190,50 евра за шест години. Во исто време, цената на природниот гас што компаниите од металургијата ја плаќале на истиот паритет била следна: во 2012 година – 479 евра, во 2013 – 397 евра, во 2014 – 395 евра, во 2015 – 315 евра, во 2016 – 194 евра, во 2017 – 228 евра и во 2018 година – 230 евра.
– Сигурно дека свое влијание имаат другите гасоводни системи на достава од каде што тие се снабдуваат, количествата на преземениот гас, трошоците на неговиот транспорт и редицата зависни трошоци со кои не е обременета нашата конкуренција. Дефинитивно цената што ја плаќаме ние како еден од најголемите потрошувачи на природен гас во земјава е значително повисока и има силно влијание на нашата конкурентност – велат надлежните од здружението.
Индустриска структура е многу чувствителна кога се во прашање нејзината конкурентност и опстојувањето во нормални услови на пазарно стопанисување.
– Без соодветен третман на оваа индустрија не само што нема да ги решиме проблемите во економијата, туку уште повеќе ќе ги продлабочиме. Носиме горчливо чувство дека оваа индустриска групација не само што не е заштитена, барем примерено на искуствата на земјите-членки на ЕУ, туку е и нападната до степен на загриженост за нејзиното натамошно опстојување – објаснуваат од здружението.
Сериозно им е загрозена конкурентноста на овие компании, не само поради високите фиксни трошоци во вакви услови на работење, туку и поради редицата нелогични системски решенија или административни процедури.
– Ние сме единствената позначајна индустриска структура во националната економија, која е исфрлена од енергетскиот систем на земјава и плаќаме значително поскапа електрична енергија од другите потрошувачи. Истото се однесува и за другите енергенти. Транспортот поврзан со економијата од обем, кој е голема трошковна ставка, исто така е поскап. Дополнително е оптоварен со недостиг од вагони, реконструкции на железничката пруга, штрајкови и слични проблеми што состојбите со опремата ја прават уште посложена. Кога би ги имале цените на сите овие трошковни инпути како во земјите од ЕУ, би имале големи заштеди – истакнаа неодамна надлежните.