Една од главните причини за зголемените цени на гасот е растот на побарувачката на овој енергент, чија употреба станува сѐ помасовна, а се очекува побарувачката и понатаму да расте поради плановите за енергетска транзиција, со кои се тежнее кон целосно исфрлање на јагленот од употреба во следниве десетина години

ПОРАДИ ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА, НАМАЛЕНИТЕ РЕЗЕРВИ, ЗГОЛЕМЕНАТА ПОБАРУВАЧКА, НО И ПОРАДИ МНОГУ ПОЛИТИКА

Цените на природниот гас од почетокот на годинава се во континуиран раст, а според очекувањата што ги пренесуваат светските медиуми, но и оцените на домашните аналитичари, тие и во следниот период ќе растат. Една од главните причини за зголемените цени на гасот е растот на побарувачката на овој енергент, чија употреба станува сѐ помасовна, а се очекува побарувачката и понатаму да расте поради плановите за енергетска транзиција со кои се тежнее кон целосно исфрлање на јагленот од употреба во следниве десетина години.
Нашата земја најави зајакнување и диверзификација на пристапот до природен гас, со приклучување кон Иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа, за што веќе се потпишани договори за изградба на конекција до гасоводот во соседна Грција. Македонија има пристап до гас преку поврзувањето со Бугарија, од каде што доаѓа руски гас.

Цената за потрошувачите во Македонија условена од голем број фактори

Новиот пристап, според универзитетскиот професор Константин Димитров, ќе значи дополнителна сигурност, но крајната цена по која домашните потрошувачи би го добивале гасот, како што вели, зависи од многу услови.
– Со новата врска ќе имаме дополнителна сигурност дека ќе имаме пристап до природен гас. Би требало цената да биде поевтина, но не верувам, бидејќи е наменет пред сѐ за земјите-членки на ЕУ. Дополнително, изворот од каде што се обезбедува не може да му конкурира на рускиот гас во однос на цената, но да оставиме времето да покаже што точно ќе добиеме – вели Димитров.
Во однос на актуелнава состојба со растот на цените, тој објаснува дека цената на природниот гас, како и другите енергенти, се формира на светските берзи и вообичаено има пониска цена од нафтата и јагленот.

Во формирањето на цената има и многу политика

Сепак, како што додава професорот Димитров, зголемената употреба на гасот и најавите за негово понатамошно поскапување ѝ се закануваат и на глобалната економија, бидејќи природниот гас има широка употреба, почнувајќи од производството на електрична енергија, греењето на домовите, во развиените земји се користи и за поголем дел од апаратите во домаќинствата токму поради неговата цена, а со вградување посебни уреди, се користи и како гориво за автомобилите.
– Природниот гас е стока со своја пазарна цена, која се формира под пазарни услови на слободниот пазар. Но во формирањето на цената има и многу политика, сведоци сме дека има политики што се насочени кон спречување на продажбата на гасот од одредени земји. Ова особено е изразено кај продажбата на рускиот гас во Европа, за да успеат поголем дел да продадат американските производители. Но, и покрај ова, тоа е стока како и секоја друга и нејзината цена се формира слободно на пазарот, во зависност од побарувачката. Кај нас цената на гасот е поврзана со нафтата, но факт е дека ако растат цените на енергентите, ќе расте и на гасот, а последниве месеци има раст на цените на енергентите – објаснува Димитров.
Иако засега изостануваат прогнози за тоа дали растот на цените на гасот, но и на другите енергенти, ќе предизвика и раст на цените на производите во чие создавање истите тие се користат и дали поради тоа постои опасност во иднина да растат и цените на другите производи во малопродажба, неподелени се оцените дека гасот и понатаму ќе биде најевтиниот енергент.
– Гасот и во иднина ќе биде поевтин енергент од нафта или од електричната енергија. Тој бил и ќе биде поевтин иако цената расте, а може и да продолжи да расте – додава Димитров.

Глобалните резерви се намалени, а побарувачката е зголемена

Инаку, во написите на „Фајненшел тајмс“ се објаснува дека цените на природниот гас во Европа и Велика Британија се искачиле на највисоко ниво досега, заканувајќи се дека ќе ги зголемат трошоците за домаќинствата и деловните субјекти, пред сѐ бидејќи глобалните резерви се намалени, но и поради зголемената употреба на гасот во Азија. Тие исто така посочуваат дека цената на природниот гас е исто така зголемена и во Азија, бидејќи земјите од овој континент трошат повеќе течен природен гас за да ја задоволат силната побарувачка.
– Европските цени на природниот гас скокнаа на највисоко ниво ова лето, поттикнати од повеќе фактори, како што се малите резерви или прекини во потрошувачката, па до забрзаното трошење кај азиските земји, проследени со сигнали дека ќе следува дополнителен раст во наредните месеци, што може да значи и повисоки сметки за домаќинствата оваа зима – објаснува Ник Кемпбел, директор на консултантската компанија „Инспирирана енергија“.

Азија како глобална суперсила за тргување со природен гас сѐ повеќе ќе ги диктира и цените

И „Блумберг“ во својата анализа објаснува дека појавата на Азија како глобална суперсила за тргување со природен гас сѐ повеќе ќе ги диктира и цените во Европа. Посочуваат дека промената беше нагласена оваа зима, но исто така се посочува дека цените на овој енергент растат и во Европа и во Азија.
– Дури и со многубројните опции за снабдување со гас, зависноста од увоз во Европа расте во услови на пад на домашното производство поради стареењето на полињата во Северно Море. Во исто време, трговијата со гас што се пренесува преку океаните се проширува побрзо, водена главно од побарувачката во Азија – кажа Енди Сомер, водач на тимот за фундаментална анализа и моделирање во швајцарскиот трговец „Акспо солушнс АГ“.
Во наредните години, Европа ќе мора да се натпреварува за гас со Кина, Индија, Пакистан и Бангладеш, додава „Блумберг“, со нагласка дека допрва ќе се отвораат нови пазари, бидејќи некои азиски држави штотуку почнуваат да користат гас во производството на електрична енергија, наместо позагадувачките јаглен и мазут. Исто така се посочува дека поради заострените климатски цели на Европа, кои тежнеат кон поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори или од помалку загадувачки горива, ќе се зголеми потребата од гас, кој важи за помалку загадувачки од јагленот.

Рекорден пораст на потрошувачката во Европа

Ројтерс, пак, дополнува дека со закрепнувањето на економиите по ковид-ограничувањата се зголеми и потрошувачката на гас. Тие се повикуваат на податоци од ИЕА (интернационална агенција за енергија), кои покажале дека потрошувачката на гас во Европа се зголемила за околу 25 отсто во вториот квартал на 2021 година, што е најголем квартален раст.
– Ова исклучително силно закрепнување е поттикнато од комбинацијата на продолжената грејна сезона поради пониските од просечните температури, повисоката потрошувачка на гас во енергетскиот сектор и економската активност што закрепнува блиску до нивото пред ковид-19 – се вели во соопштението на ИЕА.