Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Илија Псалтиров, Сузана Тунева, Бекри Ајдини и Абдилџемил Саити, економски советници во амбасадите на Македонија во Варшава, Анкара и Абу Даби и конзулатот во Минхен.
Новоименуваните економски советници го информираа претседателот Пендаровски за своите планови за претставување на потенцијалите на Македонија како дестинација за инвестирање, за промоција на извозните потенцијали, како и за промоција на државата како туристичка дестинација.
Претседателот Пендаровски изрази уверување дека со нивниот ангажман четворицата економски советници ќе дадат придонес во насока на зајакнување на економската дипломатија и на привлекување на директни странски инвестиции, што ќе придонесе за обезбедување на нови работни места и економски раст.
Претседателот Пендаровски на четворицата економски советници им посака успех во претстојниот ангажман и изрази очекување за конкретни резултати во искористувањето на економските потенцијали меѓу нашата држава и државите што економските советници ги покриваат.