Украина е петтата земја која во рок од пет недели утврди некои основни правила за пазарот на криптовалути, што претставува знак дека владите ширум светот полека ја прифаќаат реалноста и моќта на криптовалутите, пренесува американската телевизија „Си-ен-би-си“.
Речиси едногласно, украинскиот парламент го прифати законот за легализирање и регулирање на криптовалутите. Законот беше предложен минатата година, а сега е испратен до украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Досега, криптовалутите во Украина се наоѓаа во легално-сива зона. На граѓаните им беше дозволено да купуваат и разменуваат виртуелни криптовалути, но фирмите и разменувачите што се занимаваат со криптовалути беа под буден и внимателен надзор од законот.
Сега, новите законски регулативи предвидуваат одредени заштити од измама за оние кои поседуваат биткоини и други криптовалути. Доколку бидат потпишани од претседателот, виртуелните средства и паричници ќе бидат заштитени и внесени во украинскиот закон.
– До 2022 година, Украина планира да го отвори пазарот на криптовалути за бизнисите и инвеститорите – пишува „Киев пост“.
За разлика од Салвадор, каде што биткоинот беше прифатен и како легално средство за плаќање, украинскиот крипто-закон не го промовира истото, ниту го става биткоинот на еднакво рамниште со националната валута на земјата.
Изминативе недели, Салвадор стана првата земја што го усвои биткоинот како легално средство за плаќање. Куба исто така донесе закон за признавање и регулирање на криптовалутите, додека Панама изготвува закон за регулирање на криптовалутите. Минатиот месец, измени во правилата и законите поврзани со криптовалути исто така беа донесени во САД и во Германија. Изгледа дека листата е далеку од готова, а прифаќањето на криптовалутите се чини како домино-ефект, бидејќи сѐ повеќе земји ја прифаќаат реалноста: дека криптовалутите се моќни и ќе продолжат да опстојуваат.