Kога земјата се соочува со криза, ефектите никогаш не се родово неутрални, а состојбата со пандемијата не е исклучок. Рестриктивните мерки, и според релевантните меѓународни организации и според овдешните искуства, имаат негативни ефекти, пред сѐ, врз жените

КАКО УШТЕ ЕДЕН УДАР НА ПАНДЕМИЈАТА ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

Здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 се одрази на платите на голем дел од работниците во Македонија и во повеќето земји во светот. Во голем број земји, освен што има раст на невработеноста, се забележува стагнирање, па дури и намалување на месечните примања на работниците. Според многубројни истражувања, со оваа криза се попогодени платите на жените, на помалку квалификуваните работници, но и на помладите што имаат тешкотии и при прво вработување и при стекнување искуство. Истражување направено од Меѓународната организација на трудот покажало дека доколку не се користат државни програми за субвенции на плати, тогаш жените повеќе би ги изгубиле своите работни места отколку мажите, но и дека вработените на места што бараат пониски квалификации би можеле да изгубат повеќе работни часови од оние што се наоѓаат на менаџерски или стручни позиции.

Работничките права најчесто се прекршуваат врз жените

И во Македонија досега неколкупати се алармираше дека им се ускратуваат правата на работниците, што е поизразено кај жените и кај помалку квалификуваните работници.
Претставниците на здружението „Гласен текстилец“, на пример, посочуваат дека во повеќе наврати алармирале за непочитувањето на правата на работиците и потврдуваат дека се забележува поголема обесправеност кај жените работници, но наедно додаваат дека како организација генерално повеќе соработуваат со работници од текстилната и кожарската индустрија каде што повеќето вработени се жени.
– Работничка од приватен сектор во Куманово пред Нова година ја доби првата кривична пресуда за кршење на работнички права за време на корона-кризата. „Гласен текстилец“ го следеше судскиот случај на работничката што беше бремена и ги користеше привремените мерки донесени од Владата, со кои бремените беа ослободени од работа. Работодавецот ѝ даде незаконски отказ поради кршење на редот и дисциплината. Таа собра храброст и го тужеше работодавецот и ја доби битката, судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување, како незаконито – раскажа претставничката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, и дополни дека оваа информација ја објавуваат со намера да ги охрабрат сите работници да преземат дејства ако нивните работнички права се повредени.

Им се намалуваат приходите, а им се зголемува товарот од последиците од кризата

И претставниците на бизнис-заедницата истакнуваат дека при кризи вообичаено е да има негативни ефекти, при што истите тие не се секогаш рамномерни.
– Kога земјата се соочува со криза, ефектите никогаш не се родово неутрални, а состојбата со пандемијата не е исклучок. Рестриктивните мерки, и според релевантните меѓународни организации, имаат негативни ефекти врз жените. Пример на глобално ниво е тоа што 70 проценти од здравствените работници се жени, а сепак, тие не се платени на исто ниво при што со разлика од 28 проценти, родовиот јаз во платите во здравствениот сектор е поголем од вкупниот општ родов јаз во платите, кој е 16 проценти. Економската криза повеќе ги погоди жените и го продлабочи јазот и на национално ниво. За голем број жени во националната економија заедно со губење на приходите поради невработеност, се зголемува товарот во однос на економските и социјалните последици што тие ги трпат предизвикани од ковид-кризата. Тоа најмногу се одразува преку тенденција од која тие заработуваат помалку, имаат помалку заштеди, ги сочинуваат мнозинството домаќинства на самохрани родители и се несразмерно повеќе оштетени од неформалната економија – вели претседателката на Сојузот на Стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Што може да се постигне со надминувањето на родовиот јаз во економијата?

Инаку, Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во едно од своите обраќања, истакна дека еден од главните предизвици пред светот е да се создаде подобра економија за секого, а клучни приоритети што ќе помогнат во тоа се инвестирање во жени и во млади, како и во програми за образование и вештини што ќе отворат можности и ќе ја зголемат продуктивноста.
– Кризата беше исклучително тешка за жените, нивните работни места се концентрирани во сериозно погодени или ризични сектори, а искуството покажува дека девојчињата во економиите во развој имаат помала веројатност да се вратат на училиште по пандемијата. Жените исто така имаат поголема веројатност да работат во неформална економија, така што владината поддршка може да не стигне до нив. Со други зборови, деценискиот напредок кон родовата еднаквост сега е изложен на ризик – предупреди Георгиева, посочувајќи на едно од истражувањата што покажало дека затворањето на родовиот јаз може да го зголеми БДП во просек за 35 проценти.